Нов Завет

Јован 19:18-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

18. таму Го распнаа, а со Него и други двајца, од едната и од другата страна, а насреде – Исус.

19. Пилат, пак, напиша и натпис, и го кладе на крстот. А беше напишано: „Исус од Назарет, цар Јудејски.“

20. Овој натпис го читаа мнозина од Јудејците, бидејќи местото, каде што беше распнат Исус беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, грчки и латински.

21. Првосвештениците, пак, јудејски му рекоа на Пилат: „Не пишувај: Цар Јудејски, туку дека Тој рече: Јас сум Цар Јудејски.“

22. Пилат одговори: „Што напишав, напишав.“

23. А војниците, кога Го распнаа Исуса, ги зедоа алиштата Негови и ги разделија на четири дела, на секој војник по еден дел и хитонот. Хитонот, пак, не беше шиен, туку исткаен одозгора па додолу.

24. Тогаш си рекоа: „Да не го раскинуваме, но да фрлиме за него ждрепка, чиј ќе биде“ – за да се збидне кажаното во Писмото: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија ждрепка.“ Така и направија војниците.

25. Покрај крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалена.

26. А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот кого посебно го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: „Жено, ете ти син!“

27. Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде кај себе.

28. По ова, знаејќи Исус дека сѐ е свршено, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден сум.“

29. Таму стоееше сад, полн со оцет. Тие наквасија сунѓер во оцетот, го закачија на трска и Му принесоа до устата Негова.

30. А кога вкуси Исус оцет, рече: „Се сврши!“ И кога ја наведна главата, го предаде духот.

31. Бидејќи беше петок, Јудејците, за да не останат телата на крст во сабота, зашто во таа сабота беше голем ден, го замолија Пилат да им ги прекршат колената и да ги симнат.

Прочитајте целосна глава Јован 19