Нов Завет

Јован 19:17-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

17. И носејќи го Својот крст, Тој излезе на местото наречено Черепница, а по еврејски Голгота;

18. таму Го распнаа, а со Него и други двајца, од едната и од другата страна, а насреде – Исус.

19. Пилат, пак, напиша и натпис, и го кладе на крстот. А беше напишано: „Исус од Назарет, цар Јудејски.“

20. Овој натпис го читаа мнозина од Јудејците, бидејќи местото, каде што беше распнат Исус беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, грчки и латински.

21. Првосвештениците, пак, јудејски му рекоа на Пилат: „Не пишувај: Цар Јудејски, туку дека Тој рече: Јас сум Цар Јудејски.“

22. Пилат одговори: „Што напишав, напишав.“

23. А војниците, кога Го распнаа Исуса, ги зедоа алиштата Негови и ги разделија на четири дела, на секој војник по еден дел и хитонот. Хитонот, пак, не беше шиен, туку исткаен одозгора па додолу.

24. Тогаш си рекоа: „Да не го раскинуваме, но да фрлиме за него ждрепка, чиј ќе биде“ – за да се збидне кажаното во Писмото: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија ждрепка.“ Така и направија војниците.

25. Покрај крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалена.

26. А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот кого посебно го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: „Жено, ете ти син!“

27. Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде кај себе.

28. По ова, знаејќи Исус дека сѐ е свршено, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден сум.“

Прочитајте целосна глава Јован 19