13. Штом го чу овој збор, Пилат Го изведе Исус надвор и седна на судскиот стол, на местото наречено Литостротон, а по еврејски Гавата.
14. Тогаш беше петок пред Пасха, околу шестиот час. И им рече Пилат на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!“
15. Но тие викаа: „Земи, земи, распни Го!“ Пилат им рече: „Царот ваш ли да Го распнам?“ Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен цезарот.“
16. И тогаш им Го предаде за да биде распнат. И Го зедоа Исус, и Го поведоа.
17. И носејќи го Својот крст, Тој излезе на местото наречено Черепница, а по еврејски Голгота;
18. таму Го распнаа, а со Него и други двајца, од едната и од другата страна, а насреде – Исус.
19. Пилат, пак, напиша и натпис, и го кладе на крстот. А беше напишано: „Исус од Назарет, цар Јудејски.“
20. Овој натпис го читаа мнозина од Јудејците, бидејќи местото, каде што беше распнат Исус беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, грчки и латински.
21. Првосвештениците, пак, јудејски му рекоа на Пилат: „Не пишувај: Цар Јудејски, туку дека Тој рече: Јас сум Цар Јудејски.“
22. Пилат одговори: „Што напишав, напишав.“
23. А војниците, кога Го распнаа Исуса, ги зедоа алиштата Негови и ги разделија на четири дела, на секој војник по еден дел и хитонот. Хитонот, пак, не беше шиен, туку исткаен одозгора па додолу.
24. Тогаш си рекоа: „Да не го раскинуваме, но да фрлиме за него ждрепка, чиј ќе биде“ – за да се збидне кажаното во Писмото: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија ждрепка.“ Така и направија војниците.
25. Покрај крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалена.
26. А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот кого посебно го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: „Жено, ете ти син!“