Нов Завет

Јован 14:8-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

8. Филип Му рече: „Господи, покажи ни Го Отецот, и доста ни е!“

9. Му одговори Исус: „Толку време сум со вас, и зар не си Ме познал, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот, па како ти велиш: ‚Покажи ни Го Отецот?‘

10. Не веруваш ли дека Јас сум во Отецот, и дека Отецот е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, од Себе не ги зборувам; туку од Отецот, Кој е секогаш во Мене, Тој ги врши делата.

11. Верувајте Ми дека Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене. Ако ли, пак, не – тогаш верувајте во Мене заради делата.

12. Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши; зашто Јас си одам кај Својот Отец;

13. и што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го исполнам, за да се прослави Отецот во Синот.

14. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам.“

15. „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди.

16. Јас ќе Го помолам Отецот, и Тој ќе ви даде друг Утешител за да биде со вас довека,

17. Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде.

18. Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам кај вас.

19. Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете.

20. Во оној ден вие ќе разберете дека Јас сум во Мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас сум во вас.

21. Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам.“

22. Му рече Јуда, не Искариотски: „Господи, зошто сакаш нам да ни се јавиш, а не на светот?“

23. Исус одговори и му рече: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме кај него и живеалиште во него ќе направиме.

24. Кој не Ме љуби, не го запазува словото Мое; а словото што го слушате, не е Мое, туку на Мојот Отец, Кој Ме испрати.

25. Ова ви го реков, бидејќи сум со вас.

Прочитајте целосна глава Јован 14