Нов Завет

Јован 11:47-57 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

47. Тогаш првосвештениците и фарисеите го собраа синедрионот и рекоа: „Што да правиме? Овој Човек прави многу чуда.

48. Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот.“

49. А еден, пак, од нив, Кајафа, кој таа година беше првосвештеник, им рече: „Вие ништо не знаете,

50. ниту помислувате дека е поарно за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне.“

51. А ова не го рече тој сам од себе, туку, бидејќи беше првосвештеник таа година, прорече дека Исус ќе умре за народот;

52. и не само за народот, туку и за да ги собере заедно растурените Божји чеда.

53. Од тој ден се согласија да Го убијат.

54. Заради тоа Исус веќе не одеше јавно меѓу Јудејците, а оттаму отиде во крај, близу една пустина, во градот наречен Ефрем, и таму се задржа со учениците Свои.

55. А се наближуваше Пасха јудејска и мнозина од тој крај отидоа во Ерусалим пред Пасха, за да се очистат.

56. Тогаш Го бараа Исуса и, стоејќи во храмот, си разговараа меѓу себе: „Што мислите? Нема ли да дојде на празникот?“

57. А првосвештениците и фарисеите беа веќе издале заповед, ако некој дознае каде е, да јави, за да Го фатат.

Прочитајте целосна глава Јован 11