поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4

Нов Завет

Филипјаните 3 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Вистинскиот начин да се биде праведен во очите на Бога

1. Но, браќа мои, радувајте се во Гос­пода! Зашто мене не ми е здодевно да ви пишувам исти нешта, а за вас тоа значи безбедност.

2. Чувајте се од кучињата, чувајте се од лошите работници, чувајте се од лажно обрезување,

3. зашто вистинското обрезување сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се гордееме со Христос Исус, и не се надеваме на телото,

4. иако јас можам да се надевам и на телото. Ако некој друг мисли дека може да се надева на телото, тогаш уш­те повеќе можам да се надевам јас,

5. кој сум обрезан во осмиот ден, од ро­дот Израилев, од Венијаминовото ко­ле­но, Евреин од Евреите, по законот фа­рисеј,

6. по ревност – гонител на Божјата Црк­ва, според правдата на Законот – бес­прекорен.

7. Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христос го сметав за загуба.

8. Затоа, сметам дека и сѐ друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и сѐ сметам за отпад, само за да Го придобијам Хрис­тос,

9. и да се најдам во Него, не со својата праведност стекната од Законот, туку со придобивката преку верата во Христа, односно со праведноста од Бога преку верата;

10. за да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата,

11. та некако да го достигнам воскресението на мртвите.

Трчање кон целта

12. Велам така не затоа што веќе достигнав, или дека веќе постигнав совршенство, туку се стремам да го дос­тигнам она со кое Христос ме достигна мене.

13. Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене,

14. трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исус Христос.

15. Ние, кои сме, пак, совршени, мислиме така; ако, пак нешто инаку мисли­те, Бог и тоа ќе ви го открие.

16. Но, само да го држиме она до кое достигнавме, да бидеме едномислени и по истото правило да продолжиме.

17. Следете го мојот пример, браќа, и гледајте ги оние што живеат според образецот што го имате во вас.

18. Зашто мнозина, за кои често сум ви зборувал, а сега дури и со солзи говорам, постапуваат како непријатели на крстот Христов;

19. нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата – во нивниот срам; тие мислат за земните работи.

20. А нашето жителство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спа­си­те­лот, нашиот Господ Исус Христос.

21. Тој ќе го преобрази нашето по­ни­зе­но тело да стане подобно на Неговото славно тело, со силата преку која Тој може да потчинува под Себе сѐ.