1. Браќа, јас, затвореник во Господ, ве молам да се однесувате достојно според звањето, за кое сте повикани,
2. со сета понизност и кротост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден со друг со љубов,
3. трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот.
4. Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање.
5. Еден Господ, една вера и едно крштение,
6. еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сѐ, и преку сите, и во сите нас.
7. А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов.
8. Затоа е и речено: „Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето.“
9. А што означува „издигајќи се“, ако не тоа дека Тој слезе пред тоа во најдолните места на земјата.
10. Слегнатиот е истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни сѐ.
11. И Тој постави едни за апостоли, други за пророци, трети за благовестители, четврти за пастири и учители,
12. за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело,
13. додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота,
14. та да не бидеме веќе мали деца што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, преку човечките заблуди, во лукавството на измама кон заблуда.