21. А тие, бидејќи не најдоа ништо со што би можеле да ги казнат, ги заплашија и ги пуштија поради народот; зашто сите Го прославуваа Бога за она што се беше случило.
22. Човекот, пак, над кого се случи тоа чудесно исцеление, имаше повеќе од четириесет години.
23. И кога ги пуштија, тие отидоа кај своите и им јавија што им рекоа првосвештениците и старешините.
24. А овие, штом ги ислушаа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: „Господаре, Ти Кој си го создал небото и земјата, и морето и сѐ што се наоѓа во нив;
25. и Кој преку Светиот Дух со устата на нашиот татко Давид, Својот слуга, си рекол: ‚Зошто беснеат народите и луѓето намислуваат празни работи?
26. Се дигнаа царевите земни и кнезовите се собраа заедно против Господа и против Неговиот Помазаник‘.
27. И навистина, се здружија во тој град Ирод и Понтиј Пилат заедно со незнабошците и со народот израилски против Твојот Свет Син Исус, Кого си Го помазал Ти,
28. за да го направат она што однапред го беше определила раката Твоја и волјата Твоја – да се збидне.
29. И сега, Господи, погледај на нивните заплашувања и дај им на слугите Свои наполно слободно да го проповедаат Твоето слово,
30. полагајќи ја раката Своја за исцеление, и да се случуваат чудесни знаци во името на Твојот Свет Син Исус.“
31. И откако се помолија, се затресе местото каде што беа собрани, и сите се исполнија со Дух Свети и слободно го проповедаа словото Божјо.
32. А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа: и никој ништо од својот имот не го нарекуваше свое, туку сѐ им беше заедничко.
33. Апостолите, пак, со голема сила сведочеа за воскресението на Господа Исуса Христа; и имаше голема благодат над сите нив.