26. А, гледате и слушате дека не само во Ефес, туку скоро во цела Азија, тој Павле убеди и заведе доста народ, велејќи дека не се богови оние што се прават со човечки раце.
27. Затоа постои опасност не само нашиот занает да биде презрен, туку и храмот на великата божица Артемида да се смета за безвреден, и да загине величието на онаа, која ја почитува цела Азија и вселената.“
28. Кога го слушнаа тоа, се исполнија со гнев, и почнаа да извикуваат велејќи: „Велика е Артемида Ефеска!“
29. И целиот град се побуни; еднодушно се втрчаа во театарот, влечејќи ги со себе Македонците Гај и Аристарх, Павловите сопатници.
30. А кога Павле сакаше да влезе меѓу народот, учениците не го пуштија.
31. Исто така и некои од азиските началници, бидејќи му беа пријатели, испратија кај него и го молеа да не се појавува во театарот.
32. И така, едни извикуваа едно, други – друго; зашто меѓу насобраните владееше безредие, и повеќето од нив не знаеја за што се беше собрал народот.
33. По предлог на Јудејците беше извикан меѓу народот Александар. Александар даде знак со рака, сакајќи да одржи одбрамбен говор пред народот.
34. Но кога дознаа дека е Јудеец, сите извикаа во еден глас и почнаа да викаат околу два часа: „Велика е Артемида Ефеска!“
35. А градскиот писар, кога го смири народот, рече: „Луѓе ефесци, кој човек не знае дека градот Ефес е чувар на великата божица Артемида и нејзиниот кип паднат од небото?
36. Штом е тоа, пак, неспорно, вие треба да бидете мирни и да не правите ништо непромислено.