16. И скокна на нив човекот, во кого имаше лош дух, и, откако ги совлада, покажа против нив таква сила, што тие, голи и ранети, побегнаа од таа куќа.
17. За тоа разбраа сите Јудејци и Елини, кои живееја во Ефес, и сите нив ги спопадна страв; и името на Господа Исуса се величаше.
18. И многумина од верниците доаѓаа, та се исповедуваа и ги откриваа своите дела.
19. А мнозина од оние, кои правеа магии, собирајќи ги книгите свои, ги гореа пред сите; дури ја пресметаа и нивната цена и најдоа дека чинат до педесет илјади сребреници.
20. Така моќно растеше и се засилуваше словото Господово.
21. А кога се сврши тоа, Павле науми, откако ќе ја мине Македонија и Ахаја, да оди во Ерусалим, па рече: „Штом ќе бидам таму, ќе треба да го видам Рим.“
22. И прати во Македонија двајца свои прислужници – Тимотеј и Ераст, а сам остана извесно време во Азија.
23. Во тоа време се создаде голем бунт против патот Господов:
24. некој си златар, по име Димитриј, кој правеше сребрени храмови за Артемида и на занаетчиите им овозможуваше со тоа не мала заработувачка,
25. ги повика нив, а и други работници кои работеа околу такви работи, и им рече: „Другари, познато ви е дека од таа работа зависи нашата благосостојба.
26. А, гледате и слушате дека не само во Ефес, туку скоро во цела Азија, тој Павле убеди и заведе доста народ, велејќи дека не се богови оние што се прават со човечки раце.
27. Затоа постои опасност не само нашиот занает да биде презрен, туку и храмот на великата божица Артемида да се смета за безвреден, и да загине величието на онаа, која ја почитува цела Азија и вселената.“
28. Кога го слушнаа тоа, се исполнија со гнев, и почнаа да извикуваат велејќи: „Велика е Артемида Ефеска!“
29. И целиот град се побуни; еднодушно се втрчаа во театарот, влечејќи ги со себе Македонците Гај и Аристарх, Павловите сопатници.