8. Но им се спротивстави Елима – маѓесникот, така всушност се преведува неговото име, настојувајќи намесникот да го одврати од верата.
9. Но Савле, наречен Павле, исполнет со Дух Свети, го впери погледот на него,
10. и рече: „О, ти кој си полн со секакво лукавство и злоба, сине ѓаволски, непријателу на секоја праведност, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта?
11. И еве сега, раката Господова е врз тебе; ќе бидеш слеп и за некое време нема да го гледаш сонцето!“ И наеднаш над него падна мрак и темнина, и џбарајќи, бараше водач.
12. Тогаш намесникот, откако виде што се случи, поверува, восхитен од учењето Господово.
13. Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и пристигнаа во Пергија Памфилиска. Тука Јован се одвои од нив и се врати во Ерусалим.
14. А тие тргнаа од Пергија и пристигнаа во Антиохија Писидиска. Тука во сабота влегоа во синагогата и седнаа.
15. По читањето на Законот и на Пророците, старешините на синагогата пратија луѓе да им кажат: „Мажи браќа, ако имате зборови за утеха на народот, зборувајте!“
16. И тогаш стана Павле, мавна со раката и рече: „Луѓе Израилци, и вие, што имате страхопочит кон Бога, послушајте!
17. Бог на овој народ, Израил, ги избра татковците наши, и го подигна овој народ кога тие пребиваа во земјата египетска, и со раката Своја силна ги изведе од неа;
18. и околу четириесет години ги хранеше во пустината;
19. а потоа откако уништи седум народи во земјата хананска, со ждрепка им ја раздели земјата во нивно наследство.
20. За околу четиристотини педесет години им даваше судии до пророкот Самоил.
21. А потоа бараа цар, и Бог им го даде Саул, Кисовиот син, човек од Венијаминовото колено, за четириесет години.
22. Кога го отстрани него, за цар им го подигна Давид, за кого и рече, сведочејќи: ‚Најдов маж по срцето Свое, Давид, синот Јесеев. Тој ќе ги исполни сите Мои барања.‘
23. Од неговото потомство Бог, според ветувањето, Го издигна за Израил Спасителот Исус.
24. Пред Неговото доаѓање Јован како предгласник му проповедаше на сиот израилски народ покајно крштевање.
25. А кога Јован го завршуваше своето дело, прашуваше: ‚За кого ме сметате? Јас не сум Тој, но, ете, по мене иде Оној, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни обувките на Неговите нозе.‘