Нов Завет

Дела 13:4-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

4. И така, испратени од Светиот Дух, тие слегоа во Селевкија, и оттаму от­пловија за Кипар.

5. И кога стигнаа во Саламин, тие го проповедаа словото Божјо во јудејските синагоги, а го имаа со себе и Јован како помошник.

6. А кога го поминаа островот сѐ до Пафос, наидоа на еден човек маѓесник и лажен пророк, Јудеец, по име Ва­ри­сус,

7. кој беше со намесникот Сергиј Пав­ле, човек умен. Тој ги повика Варнава и Савле, и посака да го слушне словото Божјо.

8. Но им се спротивстави Елима – ма­ѓесникот, така всушност се преведува неговото име, настојувајќи намесникот да го одврати од верата.

9. Но Савле, наречен Павле, исполнет со Дух Свети, го впери погледот на не­го,

10. и рече: „О, ти кој си полн со секакво лукавство и злоба, сине ѓаволски, не­пријателу на секоја праведност, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта?

11. И еве сега, раката Господова е врз тебе; ќе бидеш слеп и за некое време не­ма да го гледаш сонцето!“ И наеднаш над него падна мрак и темнина, и џба­рајќи, бараше водач.

12. Тогаш намесникот, откако виде што се случи, поверува, восхитен од учењето Господово.

13. Павле и неговите придружници от­пловија од Пафос и пристигнаа во Пер­гија Памфилиска. Тука Јован се одвои од нив и се врати во Ерусалим.

14. А тие тргнаа од Пергија и пристигнаа во Антиохија Писидиска. Тука во сабота влегоа во синагогата и седнаа.

15. По читањето на Законот и на Про­роците, старешините на синагогата пра­тија луѓе да им кажат: „Мажи браќа, ако имате зборови за утеха на народот, зборувајте!“

16. И тогаш стана Павле, мавна со ра­ката и рече: „Луѓе Израилци, и вие, што имате страхопочит кон Бога, пос­лу­шај­те!

17. Бог на овој народ, Израил, ги избра татковците наши, и го подигна овој на­род кога тие пребиваа во земјата еги­петска, и со раката Своја силна ги из­ве­де од неа;

18. и околу четириесет години ги хранеше во пустината;

19. а потоа откако уништи седум народи во земјата хананска, со ждрепка им ја раздели земјата во нивно наследство.

20. За околу четиристотини педесет години им даваше судии до пророкот Самоил.

Прочитајте целосна глава Дела 13