Нов Завет

Дела 13:25-44 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

25. А кога Јован го завршуваше своето дело, прашуваше: ‚За кого ме сметате? Јас не сум Тој, но, ете, по мене иде Оној, Кому не сум достоен да Му ги од­врзам ни обувките на Неговите нозе.‘

26. Мажи браќа, синови од родот на Авраам, оние меѓу вас, што имаат стра­хо­почит кон Бога, нам ни е испратено словото на ова спасение.

27. Всушност жителите ерусалимски и нивните началници, бидејќи не Го препознаа, ги потврдија пророчките збо­ро­ви, што се читаат секоја сабота, со тоа што Го осудија.

28. И така, иако не најдоа никаква вина за осуда на смрт, побараа од Пилат да Го убие.

29. А кога го извршија сето тоа, што беше напишано за Него, Го симнаа од крстот и Го положија в гроб.

30. Но Бог Го воскресна од мртвите.

31. А Тој во текот на многу дни им се јавуваше на оние, што со Него дојдоа од Галилеја во Ерусалим и кои се сега сведоци Негови пред народот.

32. И ние сега ви благовестуваме дека ветувањето, дадено на нашите татковци, Бог го исполни на нас, чедата нивни, откако Го воскресна Исус.

33. Како што е во вториот псалм на­пи­шано: ‚Син Мој си Ти, денес Те родив Јас.‘

34. А дека Го воскресна од мртвите, и дека веќе нема да се враќа во рас­па­ѓа­ње, рекол вака: ‚Ќе ви ги дадам сигур­ни­те ветувања дадени на Давид.‘

35. За тоа и на друго место зборува: ‚Нема да допуштиш Твојот светец да види распаѓање.‘

36. А навистина Давид, откако му слу­жеше на својот род, според Божјата волја, се присоедини кон татковците и виде распаѓање;

37. но Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде распаѓање.

38. И така, знајте, мажи и браќа дека преку Него вам ви се проповеда простување на гревовите.

39. И од сѐ, од што не сте можеле да се оправдате преку Законот Мојсеев, пре­ку Него се оправдува секој кој верува.

40. Затоа внимавајте да не дојде на вас она што е речено во Пророците:

41. ‚Погледнете вие кои презирате, за­чудете се и исчезнете! Зашто во ваше време ќе извршам дело, во кое немаше да поверувате, ако некој би ви го рас­ка­жал.‘“

42. А кога излегуваа Јудејците од сина­го­гата, незнабошците ги помолија овие зборови да им се проповедаат и во следната сабота.

43. И кога се распушти собирот, мнози­на Јудејци и побожни прозелити појдоа по Павле и Варнава. Тие разговараа со нив и им советуваа да останат во Бож­ја­та благодат.

44. Следната сабота се собра скоро це­лиот град да го слушне словото Божјо.

Прочитајте целосна глава Дела 13