1. Во Антиохиската црква имаше некои пророци и учители: Варнава, Симеон, наречен Нигер, Луциј Киринеецот и Манаин, кој беше воспитан заедно со Ирод четворовласникот, и Савле.
2. Еднаш кога Му служеа на Господ и постеа, Духот Свети рече: „Одвојте ми ги Варнава и Савле за дело, за кое ги повикав!“
3. Тогаш тие, откако постеа и се помолија, положија раце над нив и ги пуштија.
4. И така, испратени од Светиот Дух, тие слегоа во Селевкија, и оттаму отпловија за Кипар.
5. И кога стигнаа во Саламин, тие го проповедаа словото Божјо во јудејските синагоги, а го имаа со себе и Јован како помошник.
6. А кога го поминаа островот сѐ до Пафос, наидоа на еден човек маѓесник и лажен пророк, Јудеец, по име Варисус,
7. кој беше со намесникот Сергиј Павле, човек умен. Тој ги повика Варнава и Савле, и посака да го слушне словото Божјо.
8. Но им се спротивстави Елима – маѓесникот, така всушност се преведува неговото име, настојувајќи намесникот да го одврати од верата.
9. Но Савле, наречен Павле, исполнет со Дух Свети, го впери погледот на него,
10. и рече: „О, ти кој си полн со секакво лукавство и злоба, сине ѓаволски, непријателу на секоја праведност, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта?
11. И еве сега, раката Господова е врз тебе; ќе бидеш слеп и за некое време нема да го гледаш сонцето!“ И наеднаш над него падна мрак и темнина, и џбарајќи, бараше водач.
12. Тогаш намесникот, откако виде што се случи, поверува, восхитен од учењето Господово.
13. Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и пристигнаа во Пергија Памфилиска. Тука Јован се одвои од нив и се врати во Ерусалим.
14. А тие тргнаа од Пергија и пристигнаа во Антиохија Писидиска. Тука во сабота влегоа во синагогата и седнаа.