4. Постојат разни дарби, но Духот е еден и ист;
5. има разни служби, но Господ е еден и ист;
6. и разни дејства постојат, но Бог е еден и ист, Кој извршува сѐ во сите.
7. А на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза;
8. зашто, на еден му се дава преку Духот да зборува со мудрост, на друг – да зборува знаење, преку истиот Дух;
9. на еден – вера, преку истиот Дух; на друг – дарби за лекување, преку истиот Дух;
10. на друг – чудотворства, на друг – да пророкува, на друг – да ги разликува духовите, на друг – разни јазици, на друг – да толкува јазици.
11. Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака.
12. И како што е телото едно, а има многу делови, и сите делови од тоа тело, па колку и да се тие, едно тело се, – така и Христос.
13. Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело – било Јудејци или Елини, било робови или слободни; и сите сме со еден Дух напоени.
14. Зашто и телото не се состои само од еден дел, туку од многу.
15. Ако ногата рече: бидејќи не сум рака, не сум дел од телото, зар само заради тоа таа не припаѓа на телото?
16. И ако увото рече: бидејќи не сум око, не сум дел од телото, зар поради тоа увото не припаѓа на телото?
17. Ако целото тело би било око, тогаш каде ќе е слухот? Кога целото би било слух, тогаш каде е мирисот?
18. Но Бог ги наредил деловите, секој од нив во телото така, како што посакал.
19. Ако сите тие би биле само еден дел, тогаш каде е телото?