Стар Завет

Нов Завет

Втзакон. (5 Moj.) 28:23-36 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

23. Небесата над твојата глава ќе станат бронза, а почвата под твоите нозе ќе стане железна.

24. Место дожд, Господ ќе и даде на твојата земја пепел, и од небото ќе паѓа прав, ќе паѓа на тебе додека не бидеш истребен.

25. Господ ќе те направи да бидеш поразен пред твоите непријатели; по еден пат ќе излегуваш против нив, а по седум патишта ќе бегаш пред нив. Ќе станеш страшило за сите земни царства.

26. И твоето мртво тело ќе им стане храна на сите небесни птици и на сите земни ѕверови. Не ќе има никој за да ги плаши.

27. Господ ќе те удри со египетски приштови, со чиреви, со красти и со јадеж, од кои не ќе можеш да се исцелиш.

28. Господ ќе те удри со беснило, со слепота и со лудило;

29. на сред бел ден ќе талкаш како што талка слепиот во мрак; не ќе имаш успеси во своите потфати; во сето време ќе бидеш притискан и ограбуван, а не ќе има никој за да те спаси.

30. Ќе се ожениш за жена, но друг ќе ја има. Ќе изградиш куќа, но не ќе живееш во неа. Ќе засадуваш лозје, но нема да го береш.

31. Ќе го заколат твојот вол пред твои очи, но ти нема да јадеш од него; ќе ти го одземат твоето осле пред тебе, но нема да ти го вратат; ќе му го предаваат твоето стадо на твоите непријатели, а не ќе има никој за да ти дојде напомош.

32. Твоите синови и твоите ќерки ќе му бидат предавани на друг народ. Твоите очи ќе солзат секој ден, но твојата рака не ќе може ништо.

33. Народ, што ти не го познаваш, ќе го јаде плодот на твојата земја и сета твоја мака, додека ти ќе бидеш, во сето време, притискуван и газен.

34. Ќе полудиш од глетките што ќе ти гледаат твоите очи.

35. Господ ќе те удри со лути приштови, по колениците и по бедрата - од стапалата на твоите нозе до темето на твојата глава - од кои не ќе можеш да се излекуваш.

36. Господ ќе ве одведе и тебе и твојот цар, кого ќе го поставиш над себе си, меѓу народ непознат и тебе и на твоите очи, па таму ќе им служиш на други богови, дрвени и камени.

Прочитајте целосна глава Втзакон. (5 Moj.) 28