Стар Завет

Нов Завет

Втзакон. (5 Moj.) 1:28-45 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

28. Каде да одиме? Нашите браќа нè обесхрабрија, кога рекоа: „Народот е и поголем и посилен отколку ние; градовите се големи и нивните ѕидови стигаат до небесата. А видовме таму и Енакови потомци.”‘

29. ‘Не бојте се! - ви реков. Не плашете се од нив!

30. Господ, нашиот Бог, Кој оди пред вас, ќе се бори за вас како што го направи пред вашите очи во Египет.

31. Освен тоа, виде и во пустината, каде Господ, твојот Бог, за време на целиот пат што го поминавте додека не стигнавте на ова место, ве носеше како што човек го носи своето синче.’

32. Но, и покрај тоа, вие не Му поверувавте на Господа, својот Бог,

33. во Оној, Кој, при патувањето, одеше пред вас за да ви побара место за оптегање на шаторите - цела ноќ во оган за да ви го осветлува патот по кој ќе одите, а цел ден во облак.”

34. „Господ ја чу вашата врева и се заколна во Својот гнев:

35. ‘Ниеден единствен од овие луѓе, од ова опако поколение, не ќе ја види оваа добра земја за која се заколнав дека ќе им ја дадам на вашите татковци.

36. Освен Халев, синот Ефониев. Тој ќе ја види; нему и на неговите потомци ќе им ја дадам земјата низ која одеше, зашто верно го следеше Господа.’

37. Заради вас Господ се налути и на мене па ми рече: ‘Ни ти нема да влезеш онаму.

38. Онаму ќе влезе само Исус, синот Навинов, кој ти служи. Охрабри го ти него, зашто тој ќе го воведе Израел во неговото наследство.

39. А и вашите мали деда, за кои рековте дека ќе станат робови, вашите синови кои не знаат да го разликуваат доброто и злото, тие ќе влезат во неа; ќе им ја дадам ним во сопственост.

40. А вие завртете се и запатете се во пустината, кон Црвеното Море!’

41. Вие тогаш ми одговоривте со зборовите: ‘Согрешивме против Господа. Ќе тргнеме горе и ќе се бориме како што ни заповеда Господ, нашиот Бог.’ Секој од вас го грабна своето оружје и непромислено тргна горе во планините.

42. Тогаш Господ ми рече: ‘Кажи им: „Не одете горе и не стапувајте во борба, за да не ве поразат вашите непријатели, зашто Јас не Сум меѓу вас.”‘

43. Така и ви зборував, но не послушавте. Вие и се спротививте на Господовата заповед и, полни со дрскост, тргнавте кон планината.

44. Но Аморејците, кои живееја во гората, удрија на вас, ве збркаа, по вас се нафрлија како пчели, па ве поразуваа од Сир до Орма.

45. Откако се вративте, плачевте пред Господа, ама Господ не го слушаше вашето лелекање, ниту го сврте Своето уво кон вас.

Прочитајте целосна глава Втзакон. (5 Moj.) 1