Стар Завет

Нов Завет

Судии 20:29-42 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

29. Тогаш Израел постави чети во заседа околу Гаваја.

30. На третиот ден Израелците тргнаа против Венијаминовците, и се наредија во бојни редови пред Гаваја, како и порано.

31. Венијаминовите синови излегоа против нив, а тие ги намамија далеку од градот. Како и порано Венијаминовците убиваа некои по патиштата, од кои еден водеше кон Ветил, а другиот во Гаваја; така убија околу триесет Израелци.

32. И Венијаминовите синови зборуваа: „Еве ги биеме како и првиот пат.” А Израелците рекоа: „Да бегаме додека не ги намамиме на отворени патишта, далеку од градот!”

33. Тогаш главнината на Израелевата војска стана од својот положај и се нареди во боен ред кај Вал Тамара, а Израелевата заседа излезе од своето засолниште западно од Гаваја.

34. Десет илјади способни луѓе, избрани од сиот Израел, дојдоа кон Гаваја. Бојот беше жесток. Венијаминовите синови и не насетуваа дека ќе ги стигне зло.

35. И Господ го порази Венијамина пред Израел во тој ден, та Израелците му погубија на Венијамина дваесет и пет илјади и сто луѓе свикнати на меч.

36. Венијаминовите синови видоа дека се победени. Луѓето Израелци се повлекоа од своите бојни редови пред Венијамина, надевајќи се на заседата што ја поставија околу Гаваја.

37. А оние кои беа во заседата се нафрлија брзо против Гаваја и, откако влегоа во неа, ги исекоа со остар меч сите жители.

38. Израелевите мажи се беа договориле со оние од заседата, тие да кренат столб од дим од градот како знак:

39. тогаш Израелевите мажи ќе се повлечат од бојот. Венијамин почна да ги убива Израелците и им исече триесет луѓе, и си рекоа: „Навистина, паѓаат пред нас како во поранешниот бој.”

40. А кога знакот, столб од дим, почна да се издига од градот, Венијамин се обѕрна и виде како пламен од целиот град се вишка кон небото.

41. Тогаш Израелевите мажи се завртија, а Венијаминовците ги опфати ужас, зашто видоа дека ги најде зло.

42. И избегаа пред Израелците кон пустината, но воините им беа зад петиците, а оние кои доаѓаа од градот ги убиваа од зад плеќи.

Прочитајте целосна глава Судии 20