поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3

Стар Завет

Нов Завет

Софонија 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господово слово упатено до Софонија, синот Хусиев, син на Годолиј, син на Амариј, син Езекиин, во деновите на Јосиј синот Амонов, јудејски цар.

2. „Да, сè ќе избришам од лицето на земјата - говори Господ!

3. Ќе ги уништам луѓето и ѕверовите, небесните птици и морските риби, соблазните идоли со безбожниците, ќе ги истребам луѓето од лицето на земјата - говори Господ!

4. Ќе подигнам рака на Јуда и на сите жители на Ерусалим и ќе го истребам од ова место Вааловиот остаток, и името на паганските свештеници заедно со израелевите свештеници;

5. оние, кои се клањаат по покривите на небесната војска, оние, кои се клањаат и заколнуваат пред Господа, а се заколнуваат и во Мелхом;

6. оние кои отстапија од Господа, кои не Го бараат Господа и не прашуваат за Него.”

7. Молкни пред Господа Бога, зашто е близу Господовиот ден! Да, Господ ја подготви жртвата, ги освети своите повиканици.

8. „Во денот на Господовата жртва ќе ги казнам кнезовите, царските синови, и сите кои се облекуваат со туѓинска облека.

9. Ќе ги казнам во тој ден, сите кои прескокнуваат преку прагот, кои домовите на своите господари ги полнат со насилство и измама.

10. Во оној ден - говори Господ - ќе се дигне викотница од Рибната Врата, плач од новиот дел на градот, големо разурнување на ридови.

11. Ридајте, жители на Мактес, зашто е сотрен сиот трговски народ, истребени се сите мерачи на среброто.

12. Во тоа време, ќе го пребарам Ерусалим со светилници и ќе ги посетам со казна луѓето, кои се одмараат на својот вински талог, и зборуваат во своето срце: ‘ Господ не може да направи ни добро ни зло.’

13. Нивното богатство ќе биде оставено на грабеж, нивните куќи на запустување. Тие градеа куќи - не ќе живеат во нив; садеа лозја, не ќе пијат вино од нив.”

14. Близу е Господовиот ден, голем! Близу е и доаѓа брзо! Горчлив е гласот на Господовиот ден: тогаш и јунакот ќе заплаче.

15. Тој ден е ден на гнев! Ден на тешкотии и неволји! Ден на ужас и запустување! Ден на мрак и наоблаченост! Ден на темнина и маглишта!

16. Ден на трубење и на бојна викотница против утврдените градови и против високите стражарници.

17. Ќе им ги препуштам луѓето на неволјите и ќе одат како слепци зашто згрешија против Господа, нивната крв ќе се разлее како прав, нивните трупови ќе бидат фрлени како смет.

18. Ни нивното сребро ни нивното злато не ќе ги спаси. Во денот на Господовиот гнев, огнот на Неговата ревност ќе ја изгори сета земја. Зашто тој ќе ги уништи, и тоа наскоро, сите жители на земјата.