Стар Завет

Нов Завет

Псалми 78:47-65 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

47. Ги удри со град нивните лозја, а со мраз нивните смокварници.

48. И го предаде на град нивниот добиток, и на секавиците нивните стада.

49. Ја излеа врз нив сета жестокост на Својот гнев, на јароста, бесот и неволјата: ги испрати на нив ангелите на несреќата.

50. И отвори пат за Својот гнев: не им го поштеди животот од смртта, го предаде на помор нивниот живот.

51. Порази во Египет сè првородено, првенците во Хамовите шатори.

52. И го поведе Својот народ како овци, и ги водеше како стадо низ пустината.

53. Ги водеше безопасно и не се плашеа, а морето ги покри нивните непријатели.

54. Тој ги одведе во Својата Света Земја, на бреговите што ги освои Неговата десница.

55. Пред нив ги истера многубошците, со јаже им го подели наследството, ги насели израелските племиња под нивните шатори.

56. А тие го искушуваа и Го гневеа Сèвишниот Бог и не ги исполнуваа Неговите заповеди.

57. Отпаднаа, изневерија, како нивните татковци, затаија како неверен лак.

58. Го принудија со своите високи места, Го поттикнуваа на завист со своите идоли.

59. Бог виде и пламна со гнев, го отфрли целосно Израел.

60. И го напушти Своето престојувалиште во Силом, шаторот во кој живееше меѓу луѓето.

61. И ја предаде во ропство Својата Сила, и Својата Слава во непријателски раце.

62. Го предаде на меч Својот народ, се разгневи на Своето наследство.

63. Огнот ги проголта нивните момчиња, нивните девици не се омажија.

64. Нивните свештеници паднаа од меч, не заплакаа нивните вдовици.

65. Тогаш, Господ се тргна како од сон, како Воин совладан од вино.

Прочитајте целосна глава Псалми 78