Стар Завет

Нов Завет

Псалми 78:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Асафово учење. Послушај го, народе Мој, Мојот закон, приклони ги своите уши кон зборовите на Мојата уста!

2. Ќе ја отворам својата уста за поука, ќе ги изнесам тајните од древните времиња.

3. Она што чувме и научивме, што ни раскажуваа татковците,

4. не ќе го криеме од нивните деца, ќе го предадеме на идното поколение: Господовата слава и Неговата сила, и чудесните дела што ги направи.

5. Тој постави сведоштво за Јакова, положи Закон во Израел: Тоа што им го заповеда на нашите татковци, тие да му го соопштат на своите деца,

6. за да знае идното поколение, и синовите што ќе се родат, да им раскажуваат на своите деца,

7. својата надеж да ја положат на Бога и да не ги забораваат Божјите дела, туку да ги исполнуваат Неговите заповеди,

8. и да не бидат - како нивните татковци - упорно и непокорно поколение. Поколение непостојано со срцето и со духот неверно на Бога.

9. Ефремовите синови, воини со лакови, ги свртија плеќите во денот на битката.

10. Не го додржаа Заветот со Бога и не сакаа да одат според Неговиот Закон.

11. Ги заборавија Неговите дела, чудата што им ги покажа.

12. Пред нивните очи правеше знаци во Египет, во Полето Зоан.

13. Тој го раздвои морето и ги преведе, ги издигна водите како насип.

Прочитајте целосна глава Псалми 78