Стар Завет

Нов Завет

Проповедник 2:14-26 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. На мудрецот очите му се во главата, а безумниот скита во темнина. Но знам исто така дека двајцата ги стигнува иста коб.

15. Затоа си реков во себеси: „Каква е судбината на лудиот, таква ќе ми е и мене. Зошто тогаш да сум помудар од другите?” И реков во срцето: „И тоа е суета!”

16. Зашто ни мудриот ни безумниот немаат траен спомен: по некое време заборавот ќе ги покрие двајцата! И, мудрецот умира како и безумникот.

17. Го замразив животот, зашто ми се стори тешко сè што се збиднува под сонцето: зашто сè е суета, и тежина на духот.

18. Замразив сè за што се трудев под сонцето и што сега му го оставам на својот наследник.

19. Кој знае дали тој ќе биде мудар или луд? Па сепак тој ќе биде господар на сета моја мака во која ги вложив сето свое напрегање и мудроста под сонцето. И тоа е суета.

20. И почнав да очајувам заради големиот напор со кој се трудев под сонцето.

21. Зашто човекот се труди мудро и со знаење и успешно, па сè тоа треба да го остави во наследство на друг, кој воопшто не се трудел околу тоа. И тоа е суета и големо зло.

22. Зашто што добива човекот за својот напор и труд што ги поднесува под сонцето?

23. Зашто сите негови денови се макотрпни, работите му се полни со грижи; па ни ноќе не мирува неговото срце. И тоа е суета.

24. Нема друга среќа за човекот освен да јаде и да пие и да биде задоволен со својата работа. И тоа е, гледам, дар на Божјата рака.

25. Зашто кој може да јаде, кој може да се насладува, повеќе од мене.

26. Тој му дарува мудрост, сознавање, радост на оној што Му е по волјата, а на грешникот му дава мака да собира и да натрупува за оној кој е по Божја волја. И тоа е суета и тежина на духот.

Прочитајте целосна глава Проповедник 2