поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12

Стар Завет

Нов Завет

Проповедник 2 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тогаш реков во своето срце: „Дај да го испитам уживањето, и да видам што дава насладувањето” - но ете: и тоа е празнина!

2. За смеењето реков: „Лудост е!” за уживањето: „Што ползува тоа?”

3. Си помислив во срцето да го веселам телото со вино, додека срцето сè уште се раководи одмудроста; посакав да ја прегрнам и лудоста, како би дознал дали ги усреќува луѓето она што го прават под небесата за време наизброените денови на својот живот.

4. Направив големи дела: изградив дворци за себе, посадив лозја;

5. си направив градини и овоштарници, посадив во нив секакви овошки.

6. Направив езера за да ги наводнувам посадените дрва.

7. Купив робови и робинки, имав и домашни слуги, а исто и стада со крупен и ситен добиток повеќе од кој и да е друг пред мене во Ерусалим.

8. Натрупав сребро и злато и скапоцености од царевите и покраините; набавив пејачи и пејачки и секакви човечки раскоши, сè сокровиште на сокровиште.

9. И станав толку голем, поголем од кој и да е пред мене во Ерусалим; а не ме остави ни мојата мудрост.

10. И што да ми посакаа очите, не им скратував, ниту му бранев на моето срце некаква веселба, туку моето срце му се радуваше на секој мој труд, и таква му беше наградата на секој мој напор.

11. А тогаш ги разгледав сите свои дела, сите напори што ги вложив за да дојдам до нив - и ете, сè е тоа суета и гониветер! И нема полза под сонцето.

12. Потоа ја свртив мојата мисла кон мудроста, кон глупоста и кон лудоста. Што би направил човек кој дошол после царот? Освен тоа што е веќе направено.

13. И сознав дека мудроста е подобра од лудоста, како што е светлината подобра од темнината.

14. На мудрецот очите му се во главата, а безумниот скита во темнина. Но знам исто така дека двајцата ги стигнува иста коб.

15. Затоа си реков во себеси: „Каква е судбината на лудиот, таква ќе ми е и мене. Зошто тогаш да сум помудар од другите?” И реков во срцето: „И тоа е суета!”

16. Зашто ни мудриот ни безумниот немаат траен спомен: по некое време заборавот ќе ги покрие двајцата! И, мудрецот умира како и безумникот.

17. Го замразив животот, зашто ми се стори тешко сè што се збиднува под сонцето: зашто сè е суета, и тежина на духот.

18. Замразив сè за што се трудев под сонцето и што сега му го оставам на својот наследник.

19. Кој знае дали тој ќе биде мудар или луд? Па сепак тој ќе биде господар на сета моја мака во која ги вложив сето свое напрегање и мудроста под сонцето. И тоа е суета.

20. И почнав да очајувам заради големиот напор со кој се трудев под сонцето.

21. Зашто човекот се труди мудро и со знаење и успешно, па сè тоа треба да го остави во наследство на друг, кој воопшто не се трудел околу тоа. И тоа е суета и големо зло.

22. Зашто што добива човекот за својот напор и труд што ги поднесува под сонцето?

23. Зашто сите негови денови се макотрпни, работите му се полни со грижи; па ни ноќе не мирува неговото срце. И тоа е суета.

24. Нема друга среќа за човекот освен да јаде и да пие и да биде задоволен со својата работа. И тоа е, гледам, дар на Божјата рака.

25. Зашто кој може да јаде, кој може да се насладува, повеќе од мене.

26. Тој му дарува мудрост, сознавање, радост на оној што Му е по волјата, а на грешникот му дава мака да собира и да натрупува за оној кој е по Божја волја. И тоа е суета и тежина на духот.