Стар Завет

Нов Завет

Неемија 10:6-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. Езра се оддалечи од Божјиот Дом и влезе во живеалиштето на Јоанан, синот Елијасивов. Таму ја помина ноќта, и не јаде леб ниту пи вода, зашто тажеше заради престапот на повратниците.

7. Потоа им беше јавено на сите повратници, во Јудеја и во Ерусалим, да се соберат во Ерусалим:

8. а кој не би дошол во Ерусалим до три дни, главатарите и старешините ќе го повикаат него, ќе му биде запленет имотот и ќе го исклучат од собирот на повратниците.

9. Така се собраа сите луѓе од Јуда и Венијамин за три дни во Ерусалим. Тоа беше во деветтиот месец, во дваесеттиот ден на месецот. Сиот народ се смести на ширината пред Божјиот Дом, треперејќи заради сè тоа и заради буен дожд.

10. Тогаш, откако стана, свештеникот Езра им рече: „Вие направивте престап кога се оженивте со туѓинки. Така го зголемивте Израелевиот грев!

11. Но сега заблагодарете Му на Господа, на Бога на своите татковци, и извршете ја Неговата волја па разделете се од народите на земјата и од жените иноплеменички.”

12. Сето собрание одговори со силен глас: „Да, должност ни е да направиме според твојот совет!

13. Но има многу народ, и дождот доаѓа: не може да се стои надвор. Освен тоа, таа работа не е за ден-два, зашто нè има многу, кои згрешивме во тоа.

14. Нашите главатари можат да нè застапуваат на заедничкиот собир: сите кои се оженети, по нашите градови, со туѓинки, можат да дојдат во одредено време во придружба на старешините и судиите на секој град, сè додека не го одвратиме гневот на нашиот Бог заради ова.”

15. Само Јонатан, син Асаилов, и Јазиј, син Текуев, се спротивија, а Месулам и левитот Саветај ги поткрепуваа.

16. Повратниците направија така: се разделија. Свештеникот Езра ги избра за помошници главатарите на татковските домови, и сите беа одредени по име. Почнаа да заседаваат од првиот ден на десеттиот месец, за да испитаат сè.

17. И во првиот ден на првиот месец завршија со сите, кои се беа ожениле со туѓинки.

18. Еве кои беа женети со туѓинки меѓу припадниците на свештенството: меѓу синовите на Исуса, син Јоседеков: Масиј, Елиезер, Јарив и Гедалиј;

19. тие ја дадоа својата рака дека ќе ги отпуштат своите жени и дека за својот грев ќе принесат овен за престап.

20. Од Имировите синови: Ананиј и Зевадиј;

21. од Харимовите синови: Масиј, Илија, Семај, Јехиел и Озиј;

22. од Пасхоровите синови: Елјоенај, Масиј, Исмаил, Натанаил, Јозавад и Еласа.

23. Од левитите: Јозавад, Симеј, Келај - наречен Келита - Петај, Јуда и Елиезер.

24. Од певците: Елијасив. Од вратарите: Салум, Телем и Уриј.

Прочитајте целосна глава Неемија 10