Стар Завет

Нов Завет

Малахија 3:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. „Еве го испраќам Мојот гласник за да приготви пат пред Мене, и ќе дојде одненадеж во Својот Храм Господ, Кого вие Го барате и Ангелот на Заветот, по кого копнеете. Еве Го, веќе доаѓа - говори Господ над Воинствата.

2. Но кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање и кој ќе устои кога Тој ќе се јави? Зашто Тој е како огнот на леарот и како пепелницата на белачот,

3. и ќе заседне како оној, кој топи и пречистува сребро. Ќе ги очисти Левиевите синови и ќе ги претопи како златото и среброто, за да Му принесат на Господа жртва во правда.

4. Тогаш приносот Јудин и на Ерусалим ќе Му биде мил на Господа, како во древните денови и како во првите години.

5. Ќе дојдам при вас на суд, и ќе бидам подготвен сведок против вражалците и прељубниците, против оние, кои се колнат лажно, против оние, кои задржуваат од платата на работникот, вдовицата и сирачето, против оние, кои го газат правото на странците и не се бојат од Мене - говори Господ над Воинствата.

6. Зашто Јас, Господ, не се менувам, затоа вие, Јаковови синови, не бевте уништени!

7. Од времето на своите татковци отстапувате од Моите заповеди и не ги чувате. Вратете се при Мене и Јас ќе се вратам при вас - говори Господ над Воинствата. Прашуваат: ‘ Како да се вратиме?’

8. Смее ли човек да Му задржува на Бога? А вие Ми задржувате Мене, и прашувате: ‘ Во што Ти задржуваме?’ Во десетокот и во приносот.

9. Удрени сте со проклетство, зашто Ми задржувате вие, сиот народ!

10. Донесете ги сите десетоци во ризницата, за да има храна во Мојот Дом. Тогаш испитајте Ме - зборува Господ над Војските - не ќе ли ви ги отворам небесните брани и не ќе ли излеам врз вас благослов со полна мерка;

11. нема ли заради вас да му забранам на скакулецот за да не ви ги расипува веќе посевите и за да не ви биде неплодна лозата во полето - говори Господ над Воинствата.

12. Тогаш сите народи ќе ве сметаат за среќни, зашто ќе бидете земја на блаженството - говори Господ над Воинствата.

Прочитајте целосна глава Малахија 3