Стар Завет

Нов Завет

Левит (3 Moj.) 6:7-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. И свештеникот ќе направи да се покрие вината пред Господа, и ќе му биде простено, што и да сторил, сè, со што станал виновен.”

8. Господ му рече уште на Мојсеја:

9. „Нареди им на Арона и на неговите синови: обредот за жртва паленица е ваков: жртвата паленица нека остане на жарта во жртвеникот цела ноќ до утрото; и оган нека гори непрекратно на жртвеникот.

10. Свештеникот нека облече врз себе ленена кошула, нека навлече ленени гаќи врз своето тело; потоа нека ја собере пепелта во што огнот ја претвори паленицата на жртвеникот, и нека ја остави покрај жртвеникот.

11. Потоа нека ја соблече својата облека и нека облече друга, па нека ја однесе пепелта на чисто место надвор од логорот.

12. Огнот на жртвеникот треба да гори секогаш; не смее да гасне. Секое утро, свештеникот нека реди дрва и тогаш нека ја положи жртвата паленица врз него. Таму нека го изгорува лојот од помирителната жртва.

13. Огнот на жртвеникот нека гори непрекратно; нека не гасне.”

14. „Ова е закон за лебниот принос: Ароновите синови нека го принесуваат во присуство на Господа пред жртвеникот.

15. Откако еден од нив земе грст чисто брашно и масло од лебниот принос и сиот темјан што ќе биде на него, откако тоа ќе го изгори на жртвеникот како спомен-жртва, пријатен мирис пред Господа,

16. остатокот - во вид на бесквасни лебови - нека го изедат Арон и неговите синови; нека го јадат на посветеното место: во дворот на Шаторот на средбата.

17. Нека не се пече со квас. Тоа е дел од жртвите, палени за Мене, што Јас им го давам - најсветиот дел, исто како и приносот за грев и приносот за престап.

18. Секое машко од Ароновото потомство може да го јаде тој дел од жртвите палени на Господа, и тоа е вечен закон за сите ваши поколенија: кој и да се допре до нив, ќе биде осветен.”

19. Господ му рече уште на Мојсеја:

20. „Арон и неговите синови, на денот на нивното помазание, нека Му го принесат на Господа овој принос: десетина ефа од чисто пченично брашно како редовен лебен принос, половина наутро, а половина навечер.

21. Нека биде зготвен во сад за пржење со масло. Донеси го добро наквасен и принеси Му го на Господа како пријатен мирис.

22. Така нека го зготви свештеникот, кој - од неговите синови - ќе биде помазан за да го наследи. Тоа е вечен закон. Тоа нека се изгорува цело за Господа!

Прочитајте целосна глава Левит (3 Moj.) 6