Стар Завет

Нов Завет

Изреки 12:1-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Кој ја љуби поуката, го љуби знаењето, а кој го мрази укорувањето неук е.

2. Добриот добива милост од Господа, а подмолниот осуда.

3. Човекот не се зацврстува со беззаконие, а коренот на праведникот не се помрднува.

4. Добродетелната жена е венец на својот маж, а срамотната е како гнилеж во неговите коски.

5. Мислите на праведните се справедливи, а сплетките на нечесните се измамливи.

6. Зборовите на нечесните се заседа за крвопроливање, а праведните ги избавува нивната уста.

7. Нечесните се сосипуваат и веќе ги нема, а домот на праведникот останува.

8. Човекот бидува пофалуван според остроумноста на својот разум, а опакиот во срцето ќе биде презрен.

9. Подобро е да бидеш мал и да имаш само еден слуга, отколку да се издигаш, а да немаш ни леб.

10. Праведникот внимава и на животот на својот добиток, додека на нечесниот срцето му е свирепо.

11. Кој ја обработува својата земја, наситен е со леб, а кој трча по суетата, неразумен е.

12. Копнежот на нечесниот е мрежа од зло, а коренот на праведникот дава плод.

13. На нечесниот стапица му е гревот на неговата уста, а праведникот се избавува од беда.

14. Од плодот на својата уста секој ќе се насити изобилно, а она што го направил со рацете, ќе му се врати.

15. На лудиот му се чини прав неговиот пат, а мудриот човек слуша совети.

16. Безумникот веднаш го покажува својот бес, а умниот го покрива срамот.

17. Кој говори вистина, открива што е право, а лажниот сведок - измамата.

18. Невнимателниот зборува како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е исцелување.

19. Вистинита уста трае довека, а лажливиот јазик само за миг.

20. Измамата е во срцето на оние, кои смислуваат зло, а радост во оние што делат мирољубиви совети.

Прочитајте целосна глава Изреки 12