1. Лажната мерка гнасна е на Господа, а полната мерка му е угодна.
2. Со гордоста доаѓа срамот, а мудроста е во смирените.
3. Праведните ги води нивната невиност, а безбожниците ќе ги погуби нивното лукавство.
4. Богатството не помага во денот на Божјиот гнев, а правдата избавува од смрт.
5. На непорочниот правдата му го исправува неговиот пат, а нечесниот пропаѓа од својата нечесност.
6. Справедливите ги избавува нивната правда, а беззакониците се фаќаат во својата злоба.
7. Кога лошиот човек умре, надежта му пропаѓа, и надежта и очекувањето на грешникот се рушат.
8. Праведникот се спасува од беда, а нечесниот доаѓа на неговото место.
9. Лицемерот го убива, со устата, својот ближен, а праведниците се избавуваат со знаење.
10. Градот се радува на успехот на праведниците и воскликнува заради пропаста на нечесниот.
11. Со благословот на праведните градот се воздига, а со устата на нечесните се разурнува.
12. Неразумникот го презира својот ближен, додека умниот човек молчи.
13. Кој оди со клеветата, ја открива тајната, а човек со верен дух ја чува тајната.