Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 22:13-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Ако ѕвер го раскина, нека го донесе за доказ, така што нема да даде оштета за раскинатото.

14. Кога некој позајми од својот сосед добиче на услуга, па тоа се рани или пцовиса додека сопственикот не беше со него, нека плати оштета.

15. Ако сопственикот беше со него, не му дава оштета; ама ако беше позајмено за орање, нека дојде по својата надница.”

16. „Ако некој заведе девојка, која не е свршена, и легне со неа, нека даде за неа откуп за женачка и нека ја земе за жена.

17. Ако нејзиниот татко одбие да му ја даде, заведникот треба да измери сребро во вредност на откупот за женење за девојката.”

18. „Не дозволувај да живее вражалка!

19. Секој што ќе легне со добиток, треба да биде казнет со смрт.

20. Кој ќе принесе жртва на кој и да е идол - освен на единствениот Бог - нека биде предаден на проклетството, целосно уништен.”

21. „Не го угнетувај придојденецот ниту му нанесувај неправда, зашто и самите бевте придојденци во Египетската Земја.

22. Не ги расплачувајте вдовиците и сираците!

23. Ако ги расцвилиш и тие извикаат кон Мене, задолжително ќе го послушам нивниот вик.

24. Ќе се распали Мојот гнев, и ќе ве погубам со меч, така вашите жени ќе останат вдовици а децата сирачиња.

25. Ако му позајмиш сребро на некој од Мојот народ, на сиромавиот што е кај тебе, не постапувај кон него како заемодавачот! Не му наметнувај данок!

26. Ако му ја земеш на својот сосед наметката во залог, треба да му ја вратиш пред зајдисонце.

27. Па тоа му е единствената покривка, со која го завиткува своето тело и во која може да легне. Ако извика кон Мене, ќе го послушам, зашто Јас Сум милостив.

28. Не хули го судијата и не пцуј го старешината на својот народ.

29. Не се двоуми со приносите од своето изобилство од гумното и од својот леб! Дај Ми го Мене првенецот од своите синови.

30. Исто направи со своите говеда и со ситниот добиток: нека остане со својата мајка седум денови, а на осмиот ден да Ми го дадеш Мене!

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 22