Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 14:9-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. И така, Египетците тргнаа во потера по нив. И додека Израелците беа влогорени покрај морето, близу Пи-Аирот, спроти Вел-Сефон, ги стигнаа сите фараонови коњи впрегнати во колите, неговите коњаници и неговата војска.

10. Кога фараонот се приближи, Израелците погледнаа и забележија дека Египетците се во потера по нив, па ги опфати голем страв. И Израелците извикаа кон Господа:

11. „Зар немаше гробови во Египет - му рекоа на Мојсеја - па нè извади да изумреме во пустината? Каква услуга ни направи што нè изведе од Египет!

12. Зар не ти го рековме токму ова во Египет: ‘Пушти нè! Ќе им служиме на Египетците!’ Подобро ни е и ним да им служиме отколку да загинеме во пустината.”

13. „Не бојте се! - му рече Мојсеј на народот. Стојте цврсто и ќе видите што ќе стори Господ, за да ве спаси денес: Египетците што ги гледате денес, никогаш веќе не ќе ги видите.

14. Господ ќе се бори за вас. Бидете мирни!”

15. „Зашто викате кон Мене! - му рече Господ на Мојсеја. Речи им на Израелците да тргнат на пат.

16. А ти поткрени го стапот, испружи ја својата рака над морето и раздели го надве, за да можат Израелците да поминат низ морето по суво.

17. Јас ќе го закоравам срцето на Египетците, и тие ќе тргнат по вас, а Јас ќе се прославам тогаш над фараонот и над неговите војници, над неговите коли и коњаници.

18. Нека знаат Египетците дека Јас Сум Господ, кога ќе се прославам над фараонот, над неговите коли и над неговите коњаници.”

19. Божјиот Ангел, кој одеше на чело на израелските чети, го смени местото и им застана зад плеќите. А и облачниот столб се помести од пред нив и им застана зад плеќите.

20. Се смести меѓу египетската војска и израелската војска и им стана на оние темен облак, а на овие им ја осветлуваше ноќта, така што не можеа да им се приближат едни на другите цела ноќ.

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 14