Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 12:3-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

3. Објавете и го ова на целата израелска заедница: ‘На десеттиот ден на овој месец секое семејство нека си набави едно живинче. Така, едно на семејство.

4. Но ако семејството е премало за да го потроши, тоа нека му се приклучи на својот сосед, на најблиската куќа, според бројот на личностите. Поделете го живинчето според тоа која личност колку може да изеде.

5. Живинчето нека биде без недостаток, годиначе и машко. Можете да изберете или јагне или јаре.

6. Чувајте го до четиринаесеттиот ден на овој месец. А тогаш нека целата израелска заедница го заколе кога ќе се спушти примракот.

7. Нека ја земат крвта и ги попрскаат двата довратници и надвратникот на куќата, во која ќе јадат.

8. Месото, печено на оган нека биде изедено во истата ноќ, со бесквасен леб и горчливо зелје.

9. Да не јадете ништо сурово од него ниту сварено во вода, туку испечено на оган: со главата, со нозете и со внатрешноста.

10. Не смеете ништо да оставите од него за утреден; што и да остане до утрото, треба да го изгорите на оган.

11. А јадете го вака: со препашана половина, со обувки на нозете и со стап во раката. Јадете го набрзина: тоа е Господова Пасха.

12. Имено во таа ноќ Јас ќе тргнам низ Египетската Земја и ќе ги погубам сите првороденци во Египетската Земја, и на човекот и на животното. Јас, Господ, ќе ги казнам и сите египетски божества.

13. Крвта нека ги означува куќите во кои ќе бидете вие. Каде и да забележам крв, ќе поминам покрај вас; така вие ќе го избегнете поморот, кога ќе се нафрлам врз Египетската Земја.’

14. ‘Тој ден нека ви биде спомен-ден. Славете го како празник во чест на Господа. Празнувајте го како вечен закон од колено до колено.

15. Седум денови јадете бесквасен леб. Веќе на првиот ден отстранете го квасот од вашите домови. Зашто, кој ќе јаде потквасен леб, од првиот до седмиот ден, ќе биде откорнат од среде Израелците.

16. На првиот ден држете свет собир, и така и на седмиот ден. Не работете никаква работа во тие денови. Единствено можете да готвите јадење, колку што му е потребно секому.

17. Пазете го празникот на бесквасниот леб! Имено во тој ден ги изведов вашите чети од Египетската Земја. Пазете го тој ден како празник од поколение до поколение: тоа е вечна наредба.

18. Од вечерта на четиринаесеттиот ден на првиот месец па сè до вечерта на дваесет и првиот ден на тој месец јадете бесквасен леб.

19. Седум дена не смее да има квас во вашите домови. Кој ќе јаде што и да е потквасено, тој нека биде отстранет од израелската заедница, било да е странец или домородец.

20. Ништо потквасено не смеете да јадете: во сите свои живеалишта јадете бесквасен леб.’”

21. Потоа Мојсеј ги повика сите старешини на Израелците и им рече: „Одете и набавете си јагне за своите семејства и жртвувајте Пасха.

22. Тогаш земете китка босилек, натопете ја во крвта што е во земјан сад и попрскајте ги со крвта, од земјаниот сад, надвратникот и двата довратници. Нека никој не излегува низ куќната врата до утрото.

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 12