Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 12:13-28 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Крвта нека ги означува куќите во кои ќе бидете вие. Каде и да забележам крв, ќе поминам покрај вас; така вие ќе го избегнете поморот, кога ќе се нафрлам врз Египетската Земја.’

14. ‘Тој ден нека ви биде спомен-ден. Славете го како празник во чест на Господа. Празнувајте го како вечен закон од колено до колено.

15. Седум денови јадете бесквасен леб. Веќе на првиот ден отстранете го квасот од вашите домови. Зашто, кој ќе јаде потквасен леб, од првиот до седмиот ден, ќе биде откорнат од среде Израелците.

16. На првиот ден држете свет собир, и така и на седмиот ден. Не работете никаква работа во тие денови. Единствено можете да готвите јадење, колку што му е потребно секому.

17. Пазете го празникот на бесквасниот леб! Имено во тој ден ги изведов вашите чети од Египетската Земја. Пазете го тој ден како празник од поколение до поколение: тоа е вечна наредба.

18. Од вечерта на четиринаесеттиот ден на првиот месец па сè до вечерта на дваесет и првиот ден на тој месец јадете бесквасен леб.

19. Седум дена не смее да има квас во вашите домови. Кој ќе јаде што и да е потквасено, тој нека биде отстранет од израелската заедница, било да е странец или домородец.

20. Ништо потквасено не смеете да јадете: во сите свои живеалишта јадете бесквасен леб.’”

21. Потоа Мојсеј ги повика сите старешини на Израелците и им рече: „Одете и набавете си јагне за своите семејства и жртвувајте Пасха.

22. Тогаш земете китка босилек, натопете ја во крвта што е во земјан сад и попрскајте ги со крвта, од земјаниот сад, надвратникот и двата довратници. Нека никој не излегува низ куќната врата до утрото.

23. Кога Господ ќе поминува да ги погуби Египетците, ќе ја забележи крвта врз надвратникот и врз двата довратници, па ќе ја одмине таа врата и нема да му дозволи на Погубителот да влезе во вашите куќи и да поразува.

24. Оваа одредба ќе ја пазите во сите времиња како закон за себе и за своите деца.

25. И кога ќе дојдете во земјата, што Господ ќе ви ја даде како што вети, вршете ја оваа служба.

26. Кога вашите деца ќе ве прашаат: ‘Што ви значи таа служба?’

27. одговорете им: ‘Ова е пасхална жртва во чест на Господа, Кој поминуваше покрај куќите на Израелците, кога ги усмртуваше Египетците, а ги поштедуваше нашите куќи.’” Тогаш народот се поклони длабоко и искажа почитување.

28. Потоа Израелците отидоа и послушаа: како што Господ им нареди на Мојсеја и Арона така и направија.

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 12