Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 10:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господ му рече на Мојсеја: „Оди при фараонот. Направив да им закорави срцето нему и на неговите службеници, за да ги извршам своите знаци меѓу нив;

2. за да можеш да му раскажуваш на својот син и на својот внук што им направив на Египетците и какви знаци правев меѓу нив, за да знаете дека Јас Сум Господ.”

3. Така Мојсеј и Арон отидоа при фараонот и му рекоа: „Господ, Бог на Евреите, порачува вака: ‘До кога ќе одбиваш да се понизиш пред Мене? Пушти го Мојот народ да ми искаже почитување.

4. Зашто ако не го пуштиш Мојот народ, утре ќе доведам скакулци во твојата земја.

5. Така ќе ја покријат површината, што земјата нема да се гледа од нив. Ќе го изедат она што ви остана по градот; и ќе ви ги оголат сите дрва што растат по полето.

6. Ќе го исполнам целиот твој дворец, и куќите на твоите службеници и домовите на сите други Египетци - нешто што не видоа ни твоите татковци ни татковците на твоите татковци во оваа земја, од своите времиња до денес.’” Се заврти и си отиде од кај фараонот.

7. „До кога овој човек ќе ни биде стапица - му рекоа на фараонот неговите службеници. Пуштете ги луѓето нека заминат и нека Му искажат почитување на Господа, својот Бог! Зар не гледаш како Египет се движи упорно во пропаст.”

8. Ги доведоа назад Мојсеја и Арона при фараонот, а тој им рече: „Одете! Искажете Му почитување на Господа, својот Бог! А кој сè ќе оди?”

9. „Сите одиме - одговори Мојсеј - и младо и старо. Заминуваме со своите синови и своите ќерки; со својот крупен и ситен добиток, зашто треба да Му одржиме свеченост на Господа.”

10. „Господ да биде со вас, исто колку и јас што ќе ве пуштам да тргнат со вас и децата! - им одговори. Се гледа дека вашата намера не е чиста.

11. Не така! Туку нека заминат мажите и нека Му искажат почитување на Господа. Тоа и баравте.” И ги истераа од кај фараонот.

12. Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Протегни ја својата рака врз Египетската Земја за да надојдат скакулци во Египетската Земја и да ги изедат сите растенија, што останаа по градот!”

13. Така Мојсеј го крена стапот врз Египетската Земја, а Господ го наврати источниот ветер на земјата: дуваше тој цел ден и цела ноќ. А кога се раздени, ветерот ги донесе скакулците.

14. Тие се разлетаа во сите краишта на Египет во голема густина: толкаво мноштво никогаш не ги било пред тоа, ниту пак некогаш ќе ги биде.

Прочитајте целосна глава Излез (2 Moj.) 10