поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28
  29. 29
  30. 30
  31. 31
  32. 32
  33. 33
  34. 34
  35. 35
  36. 36
  37. 37
  38. 38
  39. 39
  40. 40

Стар Завет

Нов Завет

Излез (2 Moj.) 10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господ му рече на Мојсеја: „Оди при фараонот. Направив да им закорави срцето нему и на неговите службеници, за да ги извршам своите знаци меѓу нив;

2. за да можеш да му раскажуваш на својот син и на својот внук што им направив на Египетците и какви знаци правев меѓу нив, за да знаете дека Јас Сум Господ.”

3. Така Мојсеј и Арон отидоа при фараонот и му рекоа: „Господ, Бог на Евреите, порачува вака: ‘До кога ќе одбиваш да се понизиш пред Мене? Пушти го Мојот народ да ми искаже почитување.

4. Зашто ако не го пуштиш Мојот народ, утре ќе доведам скакулци во твојата земја.

5. Така ќе ја покријат површината, што земјата нема да се гледа од нив. Ќе го изедат она што ви остана по градот; и ќе ви ги оголат сите дрва што растат по полето.

6. Ќе го исполнам целиот твој дворец, и куќите на твоите службеници и домовите на сите други Египетци - нешто што не видоа ни твоите татковци ни татковците на твоите татковци во оваа земја, од своите времиња до денес.’” Се заврти и си отиде од кај фараонот.

7. „До кога овој човек ќе ни биде стапица - му рекоа на фараонот неговите службеници. Пуштете ги луѓето нека заминат и нека Му искажат почитување на Господа, својот Бог! Зар не гледаш како Египет се движи упорно во пропаст.”

8. Ги доведоа назад Мојсеја и Арона при фараонот, а тој им рече: „Одете! Искажете Му почитување на Господа, својот Бог! А кој сè ќе оди?”

9. „Сите одиме - одговори Мојсеј - и младо и старо. Заминуваме со своите синови и своите ќерки; со својот крупен и ситен добиток, зашто треба да Му одржиме свеченост на Господа.”

10. „Господ да биде со вас, исто колку и јас што ќе ве пуштам да тргнат со вас и децата! - им одговори. Се гледа дека вашата намера не е чиста.

11. Не така! Туку нека заминат мажите и нека Му искажат почитување на Господа. Тоа и баравте.” И ги истераа од кај фараонот.

12. Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Протегни ја својата рака врз Египетската Земја за да надојдат скакулци во Египетската Земја и да ги изедат сите растенија, што останаа по градот!”

13. Така Мојсеј го крена стапот врз Египетската Земја, а Господ го наврати источниот ветер на земјата: дуваше тој цел ден и цела ноќ. А кога се раздени, ветерот ги донесе скакулците.

14. Тие се разлетаа во сите краишта на Египет во голема густина: толкаво мноштво никогаш не ги било пред тоа, ниту пак некогаш ќе ги биде.

15. Ја покрија целата земја, така што се зацрнеа од нив. Ги изедоа растенијата во полето и сите плодни дрва што останаа по градот. Повеќе ништо не се зеленееше: ни дрвата, ниту полската трева во целиот Египет.

16. Фараонот ги повика брзо Мојсеја и Арона па им рече: „Згрешив против Господа, вашиот Бог, и против вас!

17. Простете ми ја навредата уште само овој пат и молете Го Господа, својот Бог, само да го отстрани од мене овој смртоносен бич!”

18. Кога Мојсеј си отиде од кај фараонот, го повикаа Господа,

19. и Господ го смени ветерот во силен западник, што ги потфати скакулците и ги однесе кон Црвеното Море. Ниту еден единствен скакулец не остана, ниту во кој и да е крај на Египет.

20. Ама Господ го закорави срцето на фараонот, и тој не ги пушти Израелците.

21. „Испружи ја раката кон небото - Господ му рече на Мојсеја - па нека се спушти темнина над Египетската Земја, темнина што ќе може да се опипа.”

22. Мојсеј ја протегна раката кон небото, и се спушти густа темнина на сета Египетска Земја: траеше три дни.

23. Три дни луѓето не можеа да се видат еден-друг, и никој не се помрдна од своето место. А во местата каде што живееја Израелците блескаше светлина.

24. Тогаш фараонот го повика Мојсеја и му рече: „Оди и искажи Му почитување на Господа! Ама вашиот добиток, крупниот и ситниот, нека остане тука. Вашите деца нека дојдат со вас!”

25. „Ти треба самиот да нè снабдиш со придонеси и со жртви паленици, што ќе Му ги принесеме на Господа, својот Бог - одговори Мојсеј.

26. Затоа ќе ги спотераме со нас и своите стада. Ни дел од копитце не ќе остане тука. Од нив треба да избереме за жртвување на Господа, нашиот Бог, а не знаеме, додека не стигнеме таму, што треба да Му принесеме на Господа.”

27. Господ го закорави срцето на фараонот и тој не се согласи да заминат.

28. „Оди си! - му викна фараонот на Мојсеја. И да не ми излегуваш повеќе пред очите! Оној ден кога ќе ми се јавиш пак пред очите, ќе загинеш!”

29. „Добро рече! - му одговори Мојсеј. Не ќе го видам веќе твоето лице!”