Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 6:1-10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А Ерихон стоеше силно утврден и затворен пред Израелевите синови. Никој не излегуваше ниту некој влегуваше.

2. Тогаш Господ му рече на Исуса: „Еве, ти ги предавам во рацете Ерихон и неговиот цар со војниците.

3. Сите вие воини обиколете околу градот еднаш на ден. Така правете шест денови.

4. А седум свештеници нека носат седум труби од овновски рогови пред Ковчегот. На седмиот ден обиколете седумпати околу градот, а свештениците нека трубат во трубите.

5. Па кога ќе затрубат продолжително во овновскиот рог, сиот народ, штом ќе го чуе гласот на трубата, нека крене силна воена викотница. И градските ѕидишта ќе се разурнат, а народот нека влегува тогаш секој оттаму каде што ќе се најде.”

6. Исус, синот Навинов, ги повика при себе свештениците и им рече: „Земете го Ковчегот на Заветот, а седум свештеници нека носат седум труби од овновски рогови пред Господовиот Ковчег.”

7. А на народот му рече: „Појдете и обиколете околу градот, а војниците нека одат пред Господовиот Ковчег.”

8. И беше како што Исус му нареди на народот. Тргнаа седум свештеници носејќи труби од овновски рогови: трубеа во роговите, а Господовиот Ковчег одеше по нив.

9. Војниците тргнаа пред свештениците кои свиреа во трубите, а заштитницата тргна по Ковчегот. Чекореа така додека се разлеваше гласот на трубите.

10. А Исус му имаше заповедано на народот: „Не викајте и не давајте глас од себе, и ниеден збор да не се чуе од вашата уста додека не ви речам: ‘Викајте!’ Тогаш нека екне воената викотница!”

Прочитајте целосна глава Исус Навин 6