Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 2:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Исус, синот Навинов, испрати потајно од Ситим двајца согледувачи со налог: „Одите, извидете го подрачјето, особено Ерихон.” Тие отидоа и стигнаа во куќата на блудницата, која се викаше Рава, и преноќеваа таму.

2. Тоа му беше соопштено на ерихонскиот цар: „Еве, стигнаа ноќеска ваму некои луѓе од Израелевите синови за да ја извидат земјата.”

3. Тогаш ерихонскиот цар и порача на Рава: „Изведи ги луѓето, кои дојдоа кај тебе, кои влегоа во твојот дом, зашто дојдоа да ја согледуваат оваа земја.”

4. Ама жената ги зеде оние двајца луѓе, ги скри и рече: „Вистина, тие луѓе дојдоа кај мене, ама јас не знаев од каде се.

5. Кога во примрак беа затворувани градските врати, тие си отидоа, и јас не знам каде тргнаа. Побрзајте по нив, зашто уште можете да ги стигнете.”

6. А таа ги беше извела на покривот и ги скрила под нетриениот лен, што го имаше распрострено таму.

7. И луѓето поитаа во потера по нив, кон Јордан, сè до бродот преку реката; а кога потерата излезе, градската врата се затвори зад нив.

8. Додека тие горе уште не беа заспани, Рава се качи кај нив на покривот

9. и им рече: „Знам дека Господ ви ја даде оваа земја, зашто сите нас нè фати страв од вас, и сите жители на овој крај се плашат од вас.

10. Зашто чувме како Господ го исуши Црвеното Море пред вас, кога излеговте од Египет, и за она што им направивте на двата аморејски цара од другата страна на Јордан, на Сион и Ог, што ги погубивте.

11. Кога го чувме сè тоа, ни застана срцето, и никој да собере сила за да ви се спротиви, зашто Господ, вашиот Бог - Тој е Бог горе на небесата и долу на земјата.

12. Заколнете ми се, имено, во Господа дека и вие ќе му направите милост на домот на мојот татко, како што и јас ви направив милост вам, и дајте ми веродостоен знак

13. дека ќе ги оставите во живот мојот татко и мојата мајка, моите браќа и моите сестри, и сè нивно, и дека ќе нè избавите од смртта.”

14. Луѓето и одговорија: „Со своите животи емчиме за вас, само ако не нè предадете. Кога Господ ќе ни ја даде земјата, ќе ти искажеме милост и верност.”

Прочитајте целосна глава Исус Навин 2