поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

Исус Навин 2 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Исус, синот Навинов, испрати потајно од Ситим двајца согледувачи со налог: „Одите, извидете го подрачјето, особено Ерихон.” Тие отидоа и стигнаа во куќата на блудницата, која се викаше Рава, и преноќеваа таму.

2. Тоа му беше соопштено на ерихонскиот цар: „Еве, стигнаа ноќеска ваму некои луѓе од Израелевите синови за да ја извидат земјата.”

3. Тогаш ерихонскиот цар и порача на Рава: „Изведи ги луѓето, кои дојдоа кај тебе, кои влегоа во твојот дом, зашто дојдоа да ја согледуваат оваа земја.”

4. Ама жената ги зеде оние двајца луѓе, ги скри и рече: „Вистина, тие луѓе дојдоа кај мене, ама јас не знаев од каде се.

5. Кога во примрак беа затворувани градските врати, тие си отидоа, и јас не знам каде тргнаа. Побрзајте по нив, зашто уште можете да ги стигнете.”

6. А таа ги беше извела на покривот и ги скрила под нетриениот лен, што го имаше распрострено таму.

7. И луѓето поитаа во потера по нив, кон Јордан, сè до бродот преку реката; а кога потерата излезе, градската врата се затвори зад нив.

8. Додека тие горе уште не беа заспани, Рава се качи кај нив на покривот

9. и им рече: „Знам дека Господ ви ја даде оваа земја, зашто сите нас нè фати страв од вас, и сите жители на овој крај се плашат од вас.

10. Зашто чувме како Господ го исуши Црвеното Море пред вас, кога излеговте од Египет, и за она што им направивте на двата аморејски цара од другата страна на Јордан, на Сион и Ог, што ги погубивте.

11. Кога го чувме сè тоа, ни застана срцето, и никој да собере сила за да ви се спротиви, зашто Господ, вашиот Бог - Тој е Бог горе на небесата и долу на земјата.

12. Заколнете ми се, имено, во Господа дека и вие ќе му направите милост на домот на мојот татко, како што и јас ви направив милост вам, и дајте ми веродостоен знак

13. дека ќе ги оставите во живот мојот татко и мојата мајка, моите браќа и моите сестри, и сè нивно, и дека ќе нè избавите од смртта.”

14. Луѓето и одговорија: „Со своите животи емчиме за вас, само ако не нè предадете. Кога Господ ќе ни ја даде земјата, ќе ти искажеме милост и верност.”

15. Потоа Рава ги спушти по јаже низ прозорецот, зашто куќата и беше покрај градскиот ѕид, и таа живееше до ѕидот.

16. Уште им рече: „Тргнете кон гората, за да не ве најде потерата, и кријте се таму три дена додека не се вратат потерците, а тогаш одете си по својот пат.”

17. Луѓето и одговорија: „Еве, вака ќе бидеме слободни од твојата заклетва со која нè заколна:

18. кога ќе влеземе во земјата, послужи се со овој знак: врзи ја оваа црвена врвца за прозорецот, низ кој нè спушташ, и собери ги при себе, во куќата, својот татко и својата мајка, и своите браќа, и сите свои роднини.

19. Секој од вас кој ќе стапи надвор, преку прагот на твојата куќа, неговата крв на негова глава: вината не ќе биде на нас - сам е виновник за својата смрт; а кој ќе остане со тебе во куќата, неговата крв нека падне на нашите глави - ние ќе бидеме виновни ако некој го допре со рака.

20. Ако пак ја предадеш оваа наша работа, ќе бидеме слободни од заклетвата со која што нè заколна.”

21. А таа одговори: „Нека биде како што рековте!” Тогаш ги пушти, и тие си отидоа, а таа ја заврза за прозорецот црвената врвца.

22. Тие отидоа и дојдоа на гората, и останаа таму три дни додека не се врати потерата; потерата ги бараше по сите патишта, но не ги најде никаде.

23. Тогаш се вратија и двајцата согледувачи: слегоа од гората, преминаа преку реката и дојдоа кај Исуса, синот Навинов, па го известија за сè што им се збидна.

24. И му рекоа на Исуса: „Господ ни ја предаде целата таа покраина во раце; сите нејзини жители ги опфати страв пред нас.”