Стар Завет

Нов Завет

Исаија 10:10-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. Како што Мојата рака го достигна царството на лажните богови, побогати со кипови од Ерусалим и Самарија,

11. како што направив со Самарија и со нејзините лажни богови, нема ли да направам и со Ерусалим и со неговите ликови?’”

12. И кога Господ ќе го доврши сето Свое дело на гората Сион и во Ерусалим, ќе го казни плодот на горделивото срце на асирскиот цар и дрскоста на неговите горделиви очи.

13. Зашто рече: „Направив со својата рака и со својата мудрост, зашто сум умен; ги отстранив границите меѓу народите и ги ограбив нивните богатства, како јунак ги симнав оние што седат на престолите.

14. Мојата рака ги зграби како гнезда богатствата на народите. Како што се собираат оставените јајца, ја собрав целата земја, и немаше никој да затрепери со крилјата да отвори клун, да цивка.”

15. Зар се фали секирата покрај оној што сече со неа? Ќе се гордее ли пилата покрај оној што со неа реже? Како жезолот да мавта со оној кој го крева, или прачката ја крева оној што не е дрво.

16. Господ над Воинствата ќе им испрати крај на неговите згојувања, ќе му ја потпали славата со оган, како распламсан пожар.

17. Израелевата светлина ќе биде како оган, Неговиот Светец како пламен што ќе го запали и ќе ги изгори неговите глогинки и неговото трње во еден ден.

18. И красотата на неговите гори и овоштарници ќе ја уништи од срцевината до кората, таа ќе биде како болен што згаснува;

19. ќе биде лесно да биде избројан, остатокот на горските стебла дете ќе ги запише лесно.

20. Во оној ден: Израелевиот остаток и преживеаните од Јакововата куќа, не ќе се потпираат веќе на оној кој ги бие, туку ќе се потпираат искрено на Господа, на Израелевиот Светец.

21. Остатокот ќе се врати, Јакововиот остаток при силниот Бог.

22. Навистина Израеле, твојот народ и да биде колку песок во морето, само неговиот Остаток ќе се врати, одредено е уништување, правдата се прелеа,

23. Господ, Господ над Воинствата, ќе ја уништи сета земја, како што ќе одреди.

24. Затоа Господ над Воинствата зборува вака: „О Мој народе што престојуваш на Сион, не бој се од Асирецот кога бие со бич, кога крева стап на тебе, како и Египет.

25. Зашто уште малку, многу малку, и ќе прекрати Мојот гнев, Мојата јарост ќе ги уништи.”

26. Господ над Војските ќе замавне со бич над нив како кога го удри Мадијам при стената Орив и ќе крене стап над морето како на Египетскиот Пат.

27. Во оној ден: ќе ти падне бремето од плеќи, и ќе го снема неговиот јарем од твојот врат.

28. Тој иде од Римон, доаѓа на Ајат, преминува преку Мигрон, го симнува бремето во Михмас.

29. Поминуваат низ клисури, ноќевалиштето им е во Гавај; Рама трепери, Сауловата Гаваја бега.

Прочитајте целосна глава Исаија 10