Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 34:6-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. Овците скитаат по сите гори и по високите брегови; Моите овци се распрснати по сета земја, и никој не прашува за нив, нема никој да ги бара.”

7. Затоа, пастири, чујте го Господовото слово:

8. ”Животот Ми Мој, говори Господ Бог: затоа што моите овци им станаа плен и храна на ѕверовите, немајќи пастир, додека Моите пастири не ги бараа Моите овци, туку се пасат самите себе, а не го пасат Моето стадо” -

9. затоа, пастири, чујте го Господовото слово:

10. Господ Бог зборува вака: „Еве Ме против пастирите! Ќе ги барам Своите овци од нивните раце, и не ќе им дадам веќе да Ми го пасат стадото ниту самите себе да се пасат: ќе ги истргам овците од нивната уста, не ќе имаат веќе храна.”

11. Зашто вака зборува Господ Бог: Еве ме, Самиот ќе ги побарам Моите овци и Самиот ќе ги пасам!

12. Како што пастирот се грижи за своите овци кога ќе се најде покрај распрснатото стадо, и Јас ќе се погрижам за Моите овци и ќе ги соберам од сите места во кои што се распрснаа во денот на облак и мрак.

13. Ќе ги изведам од народите, ќе ги соберам од земјите и ќе ги доведам во нивната земја за да ги пасам по Израелевите гори, по сите речни долини и по сите населени места во нивната земја.

14. Ќе ги пасам по прекрасни пасишта, трлата ќе им бидат на високите Израелеви гори; таму ќе одмараат во добри овчарници и ќе пасат по сочни пасишта, по Израелевите гори.

15. Самиот ќе ги пасам Своите овци и Самиот ќе им дадам починка - зборува Господ Бог.

16. Ќе ја побарам загубената, ќе ја доведам назад заскитаната, ќе ја преврзам ранетата и ќе ја поткрепам немоќната, ќе бдеам над дебелата и силната - ќе ги пасам праведно.”

17. А вам, овци Мои, Господ Бог ви зборува вака: „Еве Ме за да судам меѓу овца и овца, меѓу овните и јарците!

18. Зар ви е малку да пасете на добро пасиште, та остатокот од пасењето го газите со нозете?

19. А Моите овци треба да го пасат тоа што вие го изгазивте со нозете, да го пијат тоа, што го замативте со нозете.”

20. Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве Ме за да судам меѓу дебелата и слабата овца!

21. Зашто со страните и со плеќите, бодејќи со роговите, ги туркавте мршавите овци додека не ги истуркавте.

22. Јас ќе ги избавам Моите овци, за да не бидат веќе плен, и ќе судам меѓу овца и овца.

23. Ќе им поставам еден Пастир, кој ќе ги пасе, Мојот слуга Давид; Тој самиот ќе ги пасе и ќе им биде Пастир,

24. а Јас, Господ, ќе бидам нивни Бог, и Мојот слуга Давид ќе им биде Кнез посред нив. Јас, Господ реков!

25. И ќе склучам со нив Завет на мир, и ќе ги отстранам од земјата сите диви ѕверови, и ќе живеат мирно во пустината и ќе спијат по горите.

Прочитајте целосна глава Езекиел 34