Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 16:1-16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И пак ми дојде Господово слово:

2. ”Човечки сине! Покажи му ги на Ерусалим сите негови гадности!

3. Речи: ‘Господ Бог вака му зборува на Ерусалим, на неверницата: „По потекло и родум си од Ханаанската Земја, татко ти Амореец, мајка ти Хетејка.

4. Кога го здогледа светот, на денот на твоето раѓање не ти го пресеков папокот ниту те измија со вода за да те очистат; со сол, не те посолија ниту те повија во пелени.

5. Ниедно око не се сожали на тебе, ниту некој се смилува да ти го направи тоа, туку на денот на твоето раѓање гнасна те фрлија надвор.

6. А јас поминав покрај тебе и видов како се прпелкаш во крв. И ти реков додека уште беше во крвта: ‘Живеј!’ Во твојата крв ти реков: ‘Живеј!’

7. Порасти како зеленило во полето! И те умножив и ти порасте и стана голема, и дојде време да созрееш. Градите ти се распапија, косата ти порасте, но уште беше гола и разголена.

8. Поминав покрај тебе и се загледав во тебе: и ете, твојата возраст - беше добра за љубов! Ги раширив врз тебе своите скутови и ти ја покрив голотата. Ти се заколнав и склучив завет со тебе - зборува Господ Бог - и ти стана Моја.

9. Те искапив во вода, ја измив крвта од тебе, и те помазав со масло.

10. Те облеков во шарени облеки, на нозете ти обув обувки од убава кожа; те опашав со тенко платно и те покрив со свилена покривка.

11. Те украсив со накити: на рацете ти ставив нараквици, околу вратот огрлици;

12. ти го украсив носот со прстен, ушите со наушници, а главата ти ја овенчав со најубав венец.

13. И така, сета со сребро и злато се украси, во облека од лен, навезена со вез. За храна ти дадов најубаво брашно, мед и масло. Беше толку убава, прекрасна, слична на царица.

14. Гласот за твојата убавина се рашири меѓу народите зашто ти беше совршена во Мојот накит што го стави на тебе, зборува Господ Бог.

15. Но твојата убавина те занесе, заради својот глас му се предаде на блудството; своето блудство му го нудеше изобилно на секој минувач, негова беше.

16. Од своите облеки правеше шарени високи места и врз нив блудствуваше, што не било никогаш, ниту ќе биде.

Прочитајте целосна глава Езекиел 16