поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28
  29. 29
  30. 30
  31. 31
  32. 32
  33. 33
  34. 34
  35. 35
  36. 36
  37. 37
  38. 38
  39. 39
  40. 40
  41. 41
  42. 42
  43. 43
  44. 44
  45. 45
  46. 46
  47. 47
  48. 48

Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И пак ми дојде Господово слово:

2. ”Човечки сине! Покажи му ги на Ерусалим сите негови гадности!

3. Речи: ‘Господ Бог вака му зборува на Ерусалим, на неверницата: „По потекло и родум си од Ханаанската Земја, татко ти Амореец, мајка ти Хетејка.

4. Кога го здогледа светот, на денот на твоето раѓање не ти го пресеков папокот ниту те измија со вода за да те очистат; со сол, не те посолија ниту те повија во пелени.

5. Ниедно око не се сожали на тебе, ниту некој се смилува да ти го направи тоа, туку на денот на твоето раѓање гнасна те фрлија надвор.

6. А јас поминав покрај тебе и видов како се прпелкаш во крв. И ти реков додека уште беше во крвта: ‘Живеј!’ Во твојата крв ти реков: ‘Живеј!’

7. Порасти како зеленило во полето! И те умножив и ти порасте и стана голема, и дојде време да созрееш. Градите ти се распапија, косата ти порасте, но уште беше гола и разголена.

8. Поминав покрај тебе и се загледав во тебе: и ете, твојата возраст - беше добра за љубов! Ги раширив врз тебе своите скутови и ти ја покрив голотата. Ти се заколнав и склучив завет со тебе - зборува Господ Бог - и ти стана Моја.

9. Те искапив во вода, ја измив крвта од тебе, и те помазав со масло.

10. Те облеков во шарени облеки, на нозете ти обув обувки од убава кожа; те опашав со тенко платно и те покрив со свилена покривка.

11. Те украсив со накити: на рацете ти ставив нараквици, околу вратот огрлици;

12. ти го украсив носот со прстен, ушите со наушници, а главата ти ја овенчав со најубав венец.

13. И така, сета со сребро и злато се украси, во облека од лен, навезена со вез. За храна ти дадов најубаво брашно, мед и масло. Беше толку убава, прекрасна, слична на царица.

14. Гласот за твојата убавина се рашири меѓу народите зашто ти беше совршена во Мојот накит што го стави на тебе, зборува Господ Бог.

15. Но твојата убавина те занесе, заради својот глас му се предаде на блудството; своето блудство му го нудеше изобилно на секој минувач, негова беше.

16. Од своите облеки правеше шарени високи места и врз нив блудствуваше, што не било никогаш, ниту ќе биде.

17. Ги зеде и сребрените и златни накити, со кои што те украсив Јас, и од нив си направи машки ликови за да блудствуваш со нив.

18. Ги зеде и шарените, везените облеки, за да ги облечеш во нив своите идоли, и ним им ги принесуваше Моето масло и Мојот темјан.

19. А лебот што ти го дадов - пченичното брашно, медот и маслото со кои те хранев - ги ставаше пред нив за пријатен мирис. Да, тоа беше така - говори Господ Бог!

20. Ги земаше своите синови и ќерки, што Мене Ми ги роди, и им ги колеше ним за храна. Малку ти беше твоето блудствување,

21. па и Моите деца ги даваше за да ги поминуваат низ оган во нивна чест!

22. Во сите тие гнасности и во своето блудство не си спомна за деновите на твојата младост, кога гола и разголеиа се прпелкаше во твојата крв.

23. И врз сите тие зла - Тешко! Тешко! говори Господ Бог -

24. си изгради за себе блудилиште насекаде, подигна високи места.

25. По сите раскрсници подигна високи места и врз нив ја валкаш со кал својата убавина, му се нудиш на секој минувач, умножувајќи го своето блудствување.

26. Се подаде на блудство со синовите на Египет, со силни тела, го умножуваше блудствувањето за да Ме разјариш.

27. Затоа еве, раката ја подигнав против тебе, намалувајќи го оброкот храна и предавајќи те на бесот на твоите мразителки на филистејските ќерки, кои се срамат од твоето срамно поведение.

28. Блудствуваше и со синовите на Асир и не се насити; и со нив блудствуваше, но не се засити.

29. Го умножи своето блудствување и со Ханаанската Земја, но ни тогаш не се задоволи.

30. О колку слабо ли беше твоето срце - говори Господ Бог - кога го, правеше она што го прават најразвратните блудници.

31. На сите челни патишта си подигна блудилишта, насекаде си изгради високи места. Но не како другите блудници, зашто ја презираше блудничката плата,

32. туку како прељубница: место мажот ги примаше странците.

33. На сите блудници им се плаќа, а ти самата ги плаќаше своите љубовници, и уште во своето блудство со дарови ги намамуваше за да ти дојдат отсекаде.

34. Ти беше блудница какви што нема: никој по тебе не трчаше за да блудствува со тебе, туку самата си давала блудничка плата, а тебе не ти ја плаќаа. Поради тоа со тебе стануваше спротивно.”

35. Затоа, развратнице, чуј го Господовото слово:

36. Господ Бог зборува вака: „Зашто ја соблекуваше својата срамота и во блудство ја откриваше својата голота пред сите свои љубовници и пред гнасните идоли, и заради крвта на своите синови што им ги принесуваше ним,

37. еве, ќе ги соберам сите твои љубовници со кои што се насладуваше, сите кои што ги сакаше и ги мразеше, ќе ги соберам отсекаде против тебе и ќе им ја откријам твојата голота за да ја видат целата твоја срамота.

38. Ќе ти судам како што им се суди на прељубниците и на крвниците, и ќе те предадам на нивниот бес.

39. Ќе те предадам во нивните раце за да ги разурнат твоите блудилишта за да ги срушат твоите високи места. И ќе ги скинам облеките од тебе, ќе ти го грабнам накитот и ќе те остават гола, сосем разголена.

40. А потоа ќе доведат многу луѓе против тебе, за да те каменуваат и за да те исечат со мечеви.

41. Ќе ти ги изгорат куќите со оган и пред очите на сите жени ќе ја извршат правдата над тебе. Така ќе го докрајчам твоето блудствување, не ќе даваш веќе блудничка плата.

42. Ќе го излеам својот гнев над тебе и ќе ја повлечам Својата ревност од тебе. Ќе се смирам и веќе не ќе се гневам.

43. И бидејќи не си спомна за својата младост, туку со сè тоа Ме предизвикуваше ќе ги оборам врз твојата глава сите твои постапки - зборува Господ Бог! Веќе не ќе додаваш бесрамности кон сите свои гнасности.

44. Еве, составувачот на пословици ќе ти се потсмее со поговорката ‘Каква мајка таква ќерка.’

45. Вистинска си ќерка на својата мајка, која ги остави мажот и децата; сестра си на своите сестри, кои ги оставија своите мажи и децата: мајка ви беше Хетејка, а таткото Амореец:

46. Самарија, твојата постара сестра, со своите ќерки ти стои тебе одлево; Содом, твојата помлада сестра, со своите ќерки ти стои оддесно.

47. А ти не само што одеше по нивниот пат и ги правеше нивните гнасности - тоа ќе ти беше премалку тебе - туку беше од нив порасипана по своите патишта.

48. Животот Ми Мој - зборува Господ Бог - твојата сестра Содом со своите ќерки не направи што направи ти заедно со своите ќерки.

49. Еве ги беззаконијата на твојата сестра Содом: горделиво, во изобилство на леб и безгрижно живееја таа и нејзините ќерки, а сиромашните и бедните не ги помагаа.

50. Се возгордеаја и правеа гнасности пред Моите очи, и затоа ги сотрев, како што виде!

51. А сестра ти Самарија не направи ни половина од твоите гревови, и така ти направи повеќе гадости, отколку тие двете заедно, оправдувајќи ги своите сестри со своите гадости.

52. Затоа носи го сега срамот на гревот со кој ги оправда своите сестри; заради гревот со кој се огрди повеќе од нив, тие излегоа поправедни. И така, засрами се, и носи го својот срам со кого ги оправда сестрите.

53. Јас ќе ги вратам нивните заробеници, заробениците на Содом и на нејзините ќерки, заробениците на Самарија и на нејзините ќерки; и меѓу нив твоите заробеници,

54. за да го носиш својот срам и за да се засрамиш за сè, што си направила, ним за утеха.

55. Твојата сестра Содом и нејзините ќерки ќе се вратат во поранешната состојба; твојата сестра Самарија и нејзините ќерки ќе се вратат во поранешната состојба; тогаш и ти и твоите ќерки ќе се вратите во поранешната состојба.

56. Зар не се спомнуваше твојата сестра Содом додека ти беше горделива,

57. пред да се открие твојата голота? Биди им сега за потсмев на едомските ќерки, на нејзините сосетки и на филистејските ќерки кои ти се потсмеваат од сите страни.

58. Ти трпиш заради твојот разврат и заради твоите гадости - говори Господ Бог.

59. Зашто вака зборува Господ Бог: „Ќе постапам со тебе онака како што направи ти, кога ја згази заклетвата и го раскина заветот.

60. Но Јас пак ќе се спомнам за Мојот Завет што го склучив со тебе во деновите на твојата младост, и ќе воспоставам со тебе вечен сојуз.

61. И ти ќе си спомниш за твоите патишта и ќе се засрамиш кога ќе ги примам твоите сестри, постарата и помладата, кои ќе ти ги дадам за ќерки, но не со силата на својот сојуз.

62. Ќе склучам со тебе Свој Сојуз, и ќе знаеш дека Јас Сум Господ,

63. за да си спомниш и за да се засрамиш и од срам веќе да не ја отвориш устата кога ќе ти простам сè што си направила!” Говори Господ Бог!’”