Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 16:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И пак ми дојде Господово слово:

2. ”Човечки сине! Покажи му ги на Ерусалим сите негови гадности!

3. Речи: ‘Господ Бог вака му зборува на Ерусалим, на неверницата: „По потекло и родум си од Ханаанската Земја, татко ти Амореец, мајка ти Хетејка.

4. Кога го здогледа светот, на денот на твоето раѓање не ти го пресеков папокот ниту те измија со вода за да те очистат; со сол, не те посолија ниту те повија во пелени.

5. Ниедно око не се сожали на тебе, ниту некој се смилува да ти го направи тоа, туку на денот на твоето раѓање гнасна те фрлија надвор.

6. А јас поминав покрај тебе и видов како се прпелкаш во крв. И ти реков додека уште беше во крвта: ‘Живеј!’ Во твојата крв ти реков: ‘Живеј!’

7. Порасти како зеленило во полето! И те умножив и ти порасте и стана голема, и дојде време да созрееш. Градите ти се распапија, косата ти порасте, но уште беше гола и разголена.

8. Поминав покрај тебе и се загледав во тебе: и ете, твојата возраст - беше добра за љубов! Ги раширив врз тебе своите скутови и ти ја покрив голотата. Ти се заколнав и склучив завет со тебе - зборува Господ Бог - и ти стана Моја.

9. Те искапив во вода, ја измив крвта од тебе, и те помазав со масло.

10. Те облеков во шарени облеки, на нозете ти обув обувки од убава кожа; те опашав со тенко платно и те покрив со свилена покривка.

11. Те украсив со накити: на рацете ти ставив нараквици, околу вратот огрлици;

12. ти го украсив носот со прстен, ушите со наушници, а главата ти ја овенчав со најубав венец.

Прочитајте целосна глава Езекиел 16