Стар Завет

Нов Завет

Езекиел 1:12-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. И секој одеше само напред. А одеа онаму каде што духот ги гонеше. И одејќи не се завртуваа.

13. А среде тие суштества се гледаше нешто како некакви вжарени јаглења, како гламни што гореа, што се движеа меѓу нив; огнот светкаше, и молњи блескаа.

14. Суштествата трчаа и пак се враќаа како секавица.

15. Додека јас набљудував, ете: на земјата покрај секое од четирите суштества по едно тркало пред нивните лица.

16. Тркалата му беа слични на хрисолит, сите четири со ист облик; според обликот и правењето беа како едното тркало да е во другото.

17. При движењето можеа да одат во сите четири правци, а не требаа да се вратат.

18. А краевите им беа високи и страшни, а кога набљудував подобро, ете, на сите страни полни со очи.

19. Ка суштествата тргнуваа, тргнуваа со нив и тркалата, кога суштествата ќе се подигнеа од земјата, и тркалата се подигнуваа.

20. Каде што ги гонеше духот, таму се движеа, а заедно со нив се подигаа и тркалата, зашто духот на суштествата беше во тркалата.

21. Па кога суштествата ќе тргнеа, тргнуваа и колцата, а кога ќе застанеа тие, застануваа и тркалата, кога тие се подигаа од земјата, и тр-кала се подигаа со нив, зашто духот на суштествата беше во тркалата.

22. Над главите на суштествата беше нешто како небесен свод, сличен на сјајен кристал, распрострен над нивните глави.

23. А под сводот раскрилени крила, едно спрема другото: на секого по две крила му го покриваа телото.

24. Го чув летањето на нивните крила како шум на големи води, како глас на Сèсилниот, а гласот на зборувањето како глас на војска. Кога суштествата застануваа ги спуштаа крилата.

25. Од сводот над нивните глави се слушаше глас и кога застануваа, ги спуштаа своите крила.

26. Над сводот над нивните глави беше нешто како каменот сафир, како престол: на тоа како престол, горе на него слично на некој човек.

27. И видов како сјајна ковина, внатре и наоколу како оган; од неговата половина нагоре и од неговата половина надолу нешто како оган и како блесок на сите страни.

Прочитајте целосна глава Езекиел 1