Стар Завет

Нов Завет

Ездра 9:22-38 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

22. И им даде царства и народи и ги подели со граници: ја зазедоа земјата на Сион, есевонскиот цар, и земјата на Ог, васанскиот цар.

23. И ги намножи нивните синови како небесни ѕвезди, и ги доведе во земјата за која им рече на нивните татковци дека ќе влезат во неа и дека ќе ја заземат.

24. Синовите влегоа и ја покорија земјата, а Ти пред нив ги совлада жителите на земјата, Ханаанците, и ги предаде во нивните раце царевите и земните народи, за да прават со нив што им е волја;

25. Освоија тврди градови и плодна земја и наследија куќи полни со секакво добро, изделкани кладенци, лозја, маслинови градини и многу плодни дрва: јадеа, се ситеа и се дебелеа, и уживаа во твојата голема добрина.

26. Но се бунеа, и се одметнаа од Тебе и Твојот Закон го фрлија зад плеќи, ги убиваа пророците кои ги обраќаа за да се вратат кај Тебе, и хулеа многу.

27. Тогаш ги предаде во рацете на освојувачите, кои ги измачуваа. А во времето на својата мака извикуваа кон Тебе, а Ти ги послуша од небото, и во Својата голема добрина им испраќаше избавители, кои ги избавуваа од рацете на нивните мачители.

28. Но штом ќе се смиреа, пак правеа зло пред Тебе, а Ти ги пушташе во рацете на нивните непријатели, кои ги измачуваа. И пак извикуваа кон Тебе, и Ти ги послушуваше од небо: во Своето милосрдие ги избави многу пати.

29. Ти ги опоменуваше да се вратат кон Твојот Закон: но тие се бунтуваа и беа непокорни на Твоите наредби, а човекот живее кога ги одржува. Ги извлекуваа плеќите, ги окоравуваа вратовите, и не слушаа.

30. Многу години беше трпелив со нив, и ги опоменуваше со Својот Дух преку службата на своите пророци; но не слушаа. Тогаш ги предаде во рацете на другите народи.

31. Во Своето големо милосрдие Ти не ги уништи, ниту ги остави, зашто Ти си милостив Бог и полн со сожалување.

32. А сега, Боже наш, велик, силен и страшен Боже, кој ги чуваш Заветот и милоста, нека пред Твоето лице не биде незначителна сета оваа неволја, која нè најде нас, нашите цареви и кнезови, нашите свештеници и пророци, нашите татковци и сиот Твој народ од времето на асирските цареви па до денес.

33. Ти си праведен во сè што нè најде, зашто Ти покажа верност, а ние своето зло.

34. Нашите цареви и кнезови, нашите свештеници и татковци, не го извршуваа Твојот Закон, не ги слушаа Твоите наредби и опомени, кои им ги даваше.

35. Иако беа во свое царство, во големи добрини што им правеше; во пространа и плодна земја, која им ја даде, тие не Ти служеа, и не се одвраќаа од своите зли дела.

36. Еве, ние сме денес робови и во земјата, која им ја даде на нашите татковци, за да ги уживаат нејзините плодови и нејзините добра, еве, ние робуваме во неа.

37. Нејзините изобилни приходи одат кај царевите што ни ги постави заради нашите гревови, и тие господарат според својата волја со нашите тела и со нашата стока. Ах, во голема неволја сме!

38. И заради сè тоа се обврзавме писмено на верност. На запечатената изјава стоеја имињата на нашите кнезови, левити и свештеници.

Прочитајте целосна глава Ездра 9