Стар Завет

Нов Завет

Еремија 51:11-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Наострете ги стреличките, наполнете ги туловите! Господ го поттикна духот на медиските цареви, зашто намисли да го сотре Вавилон, Господова е тоа одмазда, одмазда за Неговиот Храм.

12. Развејте го знамето, вавилонски ѕидови! Зајакнете ги стражите! Поставете стражари! Разместете заседи! Зашто Господ што ќе намисли, сега тоа го врши како што им рече на жителите на Вавилон.

13. О ти што престојуваш крај големите води и што си богат со секакви блага! Сега ти дојде свршеникот, крајот на твојата лакомост.

14. Со Својот живот се заколна Господ над Воинствата: „Ќе те наполнам со луѓе како со скакулци, ќе се надигне против тебе бојна викотница.”

15. Тој со Својата сила ја создаде земјата, со Својата мудрост ја утврди вселената и со Својот разум ги оптегна небесата.

16. Кога ќе екне Неговиот глас, шумат водите на небесата, ги крева облаците од крајот на земјата: му создава молњи на дождот, го изведува ветерот од неговите засолништа.

17. Секој човек безумствува во своето знаење, секој златар се засрамува од својот кип, зашто киповите му се само измама, нема дух во нив.

18. Тие се суетни, смешни творби, ќе пропаднат во денот на казната.

19. „Јакововиот Дел” не е како тие: зашто Тој создаде сè, Израел е племе на неговото наследство. Господ над Воинствата е Неговото Име.

20. „Ти ми беше млат, воено оружје. Со тебе ги поразив народите, со тебе ги разорував царствата.

21. Со тебе ги удрив коњот и коњаникот, со тебе ги удрив бојната кола и возачот.

22. Со тебе ги удрив мажот и жената, со тебе ги удрив старецот и детето. Со тебе ги удрив младецот и девицата, со тебе ги удрив пастирот и стадото.

Прочитајте целосна глава Еремија 51