поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28
  29. 29
  30. 30
  31. 31
  32. 32
  33. 33
  34. 34
  35. 35
  36. 36
  37. 37
  38. 38
  39. 39
  40. 40
  41. 41
  42. 42
  43. 43
  44. 44
  45. 45
  46. 46
  47. 47
  48. 48
  49. 49
  50. 50
  51. 51
  52. 52

Стар Завет

Нов Завет

Еремија 51 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господ зборува вака: „Ете, Јас подигам против Вавилон и против халдејските жители погубувачки ветер.

2. Ќе испратам во Вавилон вејачи за да го веат и да ја просеат неговата земја низ решето. Кога ќе го опколат од сите страни во кобниот ден,

3. стрелецот нека не го остава настрана лакот, нека не го соблекува оклопот! Не штедете ги нивните младинци, уништете му ја сета војска!

4. Убиените ќе паѓаат по Халдејската Земја, прободени по неговите улици.

5. Не, Израел - Јудеја - не е вдовица на својот Бог, Господ над Воинствата, иако е нивната земја полна со гревови, против Израелевиот Светец.”

6. Бегајте од Вавилон, секој нека го спаси својот живот, за да не изгине заради неговото беззаконие, зашто ова е време на Господовата одмазда, секому му плаќа според заслугата!

7. Вавилон беше златна чаша во Господовата рака, чаша што го испијани целиот свет. Со тоа вино народите се испијанија, и затоа народите се избезумија.

8. Одненадеж падна Вавилон, разрушен: затажете над него! Побарајте балсам за неговата рана: можеби ќе оздрави!

9. Го лечевме Вавилон, ама не се исцели. Да го пуштиме, да се вратиме секој во својот крај! Зашто неговата пресуда допира до небото и се дига под облаците.

10. Господ ја изнесе нашата правда! Ајде да му го објавиме на Сион делото на Господа, нашиот Бог.

11. Наострете ги стреличките, наполнете ги туловите! Господ го поттикна духот на медиските цареви, зашто намисли да го сотре Вавилон, Господова е тоа одмазда, одмазда за Неговиот Храм.

12. Развејте го знамето, вавилонски ѕидови! Зајакнете ги стражите! Поставете стражари! Разместете заседи! Зашто Господ што ќе намисли, сега тоа го врши како што им рече на жителите на Вавилон.

13. О ти што престојуваш крај големите води и што си богат со секакви блага! Сега ти дојде свршеникот, крајот на твојата лакомост.

14. Со Својот живот се заколна Господ над Воинствата: „Ќе те наполнам со луѓе како со скакулци, ќе се надигне против тебе бојна викотница.”

15. Тој со Својата сила ја создаде земјата, со Својата мудрост ја утврди вселената и со Својот разум ги оптегна небесата.

16. Кога ќе екне Неговиот глас, шумат водите на небесата, ги крева облаците од крајот на земјата: му создава молњи на дождот, го изведува ветерот од неговите засолништа.

17. Секој човек безумствува во своето знаење, секој златар се засрамува од својот кип, зашто киповите му се само измама, нема дух во нив.

18. Тие се суетни, смешни творби, ќе пропаднат во денот на казната.

19. „Јакововиот Дел” не е како тие: зашто Тој создаде сè, Израел е племе на неговото наследство. Господ над Воинствата е Неговото Име.

20. „Ти ми беше млат, воено оружје. Со тебе ги поразив народите, со тебе ги разорував царствата.

21. Со тебе ги удрив коњот и коњаникот, со тебе ги удрив бојната кола и возачот.

22. Со тебе ги удрив мажот и жената, со тебе ги удрив старецот и детето. Со тебе ги удрив младецот и девицата, со тебе ги удрив пастирот и стадото.

23. Со тебе ги поразив земјоделецот и неговата запрега, со тебе ги удрив намесниците и управителите.

24. Ама сега му плаќам на Вавилон пред вашите очи и на сите Халдејци за сето зло што му го направија на Сион - говори Господ.

25. Еве Ме врз тебе, Горо разурнувачка - говори Господ - разурнувачко на целиот свет! Ќе замавнам со раката против тебе, ќе те симнам од стрмната карпа, ќе те претворам во изгорена гора.

26. Од тебе веќе нема да делкаат аголен камен ни камен основник, ќе бидеш вечна пустина” - говори Господ.

27. Подигнете го знамето во земјата, затрубете во рог меѓу народите! Подгответе ги народите против него, повикајте ги царствата против него - Арарат, Миниј, Асханаз! Поставете водач против него, коњите нека се нафрлат како влакнести скакулци!

28. Подгответе ги народите против него, мидиските цареви, војводите и нивните заменици и сета земја со која што владеат.

29. Земјата ќе се тресе, ќе трепери, кога ќе почнат да се искачуваат кон Вавилон сите Господови намисли, за да ја претвори Вавилонската Земја во ненаселена пустина.

30. Вавилонските јунаци се откажаа од борбата, заседнаа во тврдините, ја снема нивната сила: станаа како жени. Изгорени се неговите домови, скршени се лостовите на вратите.

31. Брзоодецот престигнува брзоодец, гласник трча по гласникот, за да му јават на вавилонскиот цар дека градот му е заземен од сите страни,

32. бродовите се заземени, тврдините се изгорени со оган, а јунаците исплашени.

33. Зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог: „Вавилонската ќерка е како гумно во времето кога се гази по него; уште малку, и ќе и дојде времето на жетвата.

34. Ме изеде, ме сотре Навуходоносор, вавилонскиот цар, ме отфрли како празен сад, тој ме проголта како змев, го наполни желудникот, ме истера од мојот Еден.”

35. „Насилството и моите страдања врз Вавилон!” зборуваат жителите на Сион. „Мојата крв врз Халдејците!” зборува Ерусалим.

36. Затоа Господ зборува вака: „Еве, Јас ќе ја бранам твојата парница и ќе те одмаздам. Ќе го пресушам неговото море, и ќе ги пресушам неговите извори.

37. Вавилон ќе биде куп урнатини, дувло на шакали, ужас и потсмев, ненаселен крај.

38. Сите заедно рикаат како лавови, вијат како лавчиња.

39. Кога ќе се стоплат, ќе им приредат пијанка, ќе ги напојат за да се повеселат, и да заспијат со вечен сон, па веќе да не се разбудат - говори Господ.

40. Ќе ги одведам како јагниња на колење, како јарци и овни.

41. Како ли е заземен Сесах, како е освоена таа гордост на сета земја? Како ли стана Вавилон страшило на народите?

42. Морето се надига против Вавилон, неговите бранови го прекрија.

43. Неговите градови станаа пустина, земјата сува, пустина: човек не живее во неа, ниту низ неа поминува човечки син.

44. Ќе го казнам вавилонскиот Вал, ќе му го одземам од устата тоа што го голтнал. Народите веќе не ќе се собираат кај него, ќе се разурнат вавилонските ѕидови.

45. Излези од него, народе Мој! Нека секој го спаси својот живот од жестокиот Господов гнев!

46. Нека срцето не ви ослабее! Не бојте се од гласовите што се шират низ земјата, една година вакви, друга - онакви, и дека во земјата владее насилство, та силник станува силник.

47. Зашто еве доаѓаат денови кога ќе ги казнам вавилонските кипови, и сета земја ќе му се засрами, и сите негови погубени ќе лежат среде градот.

48. Тогаш над Вавилон ќе воскликнуваат небото и земјата, и сè што е на нив, зашто од север ќе се нафрлат врз градот, опустувачи!” - говори Господ.

49. И Вавилон треба да падне за погубените Израелци, како што за Вавилон паѓаа истепани сите земји.

50. Вие што му избегавте на мечот, одете си, не останувајте тука. Спомнувајте си за Господа во далечната земја, и Ерусалим нека ви биде на срце.

51. Се срамевме слушајќи го срамот, руменило ни го прекри лицето, кога туѓинците навлегоа во Светилиштето на Господовиот Дом.

52. „Затоа, ете, доаѓаат денови - говори Господ -кога ќе ги казнам нивните кипови, и по целата негова земја ќе офкаат ранетите.

53. Ако Вавилон се искачи до небото, ако се утврди на недостапно место, на Моја заповед ќе се нафрлат врз него запустувачите” - говори Господ.

54. Чујте го викањето за помош од Вавилон и страшниот пораз од Халдејската Земја!

55. Зашто Самиот Господ го запустува Вавилон, Тој го стивнува неговиот страшен шум: неговите бранови шумеа како големи води, се слуша нивното бучење.

56. Да, запустувачот дојде во Вавилон, фатени се неговите воини, скршени им се лаковите. Навистина, Господ е Бог одмаздник Кој плаќа според заслугата.

57. „Ќе му ги испијанам кнезовите и мудреците, војводите, намесниците и воините: за да заспијат со вечен сон па веќе да не се разбудат” - зборува Царот, Името Му е Господ над Воинствата.

58. Вака говори Господ над Војските: „Широките вавилонски ѕидови ќе бидат разурнати до основите, а неговата висока врата ќе биде спалена со оган. Напразно ќе се трудат народите, народите ќе се измачуваат за оган!”

59. Еве ја заповедта што пророкот Еремија му ја даде на Серај, синот Масиин, синот Нириин, кога Серај тргна во Вавилон со Седекија, јудејскиот цар, во четвртата година на неговото владеење. Серај беше голем постелник.

60. Еремија ја имаше запишано во еден книжен свиток сета несреќа што требаше да дојде врз Вавилон - сите оние пророштва напишани против Вавилон.

61. Еремија му рече на Серај: „Кога ќе дојдеш во Вавилон, барај прилика да ги објавиш сите овие зборови.

62. И речи: ‘Господи, Ти Самиот рече дека ќе го сотреш ова место, па во него веќе ништо не ќе биде, ни човек ни животинче, туку ќе стане вечна пустина.’

63. Кога ќе го прочиташ овој книжен свиток, врзи го за камен и фрли го во Еуфрат.

64. И речи: ‘Вака ќе потоне Вавилон и не ќе се подигне веќе од бедата што ќе ја навалам врз него. И тие ќе изнемоштат. ‘“ Тоа се Еремиините зборови.