Стар Завет

Нов Завет

Еремија 51:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Господ зборува вака: „Ете, Јас подигам против Вавилон и против халдејските жители погубувачки ветер.

2. Ќе испратам во Вавилон вејачи за да го веат и да ја просеат неговата земја низ решето. Кога ќе го опколат од сите страни во кобниот ден,

3. стрелецот нека не го остава настрана лакот, нека не го соблекува оклопот! Не штедете ги нивните младинци, уништете му ја сета војска!

4. Убиените ќе паѓаат по Халдејската Земја, прободени по неговите улици.

5. Не, Израел - Јудеја - не е вдовица на својот Бог, Господ над Воинствата, иако е нивната земја полна со гревови, против Израелевиот Светец.”

6. Бегајте од Вавилон, секој нека го спаси својот живот, за да не изгине заради неговото беззаконие, зашто ова е време на Господовата одмазда, секому му плаќа според заслугата!

7. Вавилон беше златна чаша во Господовата рака, чаша што го испијани целиот свет. Со тоа вино народите се испијанија, и затоа народите се избезумија.

8. Одненадеж падна Вавилон, разрушен: затажете над него! Побарајте балсам за неговата рана: можеби ќе оздрави!

9. Го лечевме Вавилон, ама не се исцели. Да го пуштиме, да се вратиме секој во својот крај! Зашто неговата пресуда допира до небото и се дига под облаците.

10. Господ ја изнесе нашата правда! Ајде да му го објавиме на Сион делото на Господа, нашиот Бог.

11. Наострете ги стреличките, наполнете ги туловите! Господ го поттикна духот на медиските цареви, зашто намисли да го сотре Вавилон, Господова е тоа одмазда, одмазда за Неговиот Храм.

12. Развејте го знамето, вавилонски ѕидови! Зајакнете ги стражите! Поставете стражари! Разместете заседи! Зашто Господ што ќе намисли, сега тоа го врши како што им рече на жителите на Вавилон.

13. О ти што престојуваш крај големите води и што си богат со секакви блага! Сега ти дојде свршеникот, крајот на твојата лакомост.

14. Со Својот живот се заколна Господ над Воинствата: „Ќе те наполнам со луѓе како со скакулци, ќе се надигне против тебе бојна викотница.”

Прочитајте целосна глава Еремија 51