Стар Завет

Нов Завет

Еремија 33:13-26 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Во градовите на Горјето, и во градовите на Шефел, и во градовите на Негев, во Венијаминовиот Крај, во околината на Ерусалим и во Јудините градови пак ќе поминуваат овците под раката на пастирите кои што ќе ги бројат - говори Господ.

14. Еве, доаѓаат денови - говори Господ - кога ќе го исполнам доброто ветување што им го дадов на Израелевиот дом и на Јудиниот дом:

15. Во оние денови и во она време ќе му подигнам на Давида праведен Подник. Тој ќе владее со земјата по правосудство и по правда.

16. Во оние денови Јудеја ќе биде спасена, Ерусалим ќе живее спокојно. А градот ќе се вика: „Господ, наша Правда.”

17. Зашто Господ зборува вака: „Никогаш на Давида не ќе му снема потомок, кој ќе седи на престолот на Израелевиот дом.

18. И никогаш на левитите и на свештениците не ќе им снемаат потомци, кои ќе служат пред Мене и ќе принесуваат паленици, приносници со кадење и ќе жртвуваат во сите денови.’”

19. И Господовото слово му дојде на Еремија:

20. „Господ зборува вака: ‘Ако можете да го укинете Мојот Завет со денот и Мојот Завет со ноќта, така што ќе нема веќе ни ден ни ноќ во право време,

21. ќе може да се укине и Мојот Завет со Мојот слуга Давид, та веќе не ќе има син, кој би царувал на неговиот престол, и со левитите и со свештениците, кои Ми служат.

22. Како што не може да се изброи небесната војска ни да се измери морскиот песок, така ќе го размножам потомството на Својот слуга Давид, и на левитите и на свештениците кои Ми служат.’”

23. И Господовото слово му дојде на Еремија:

24. „Не забележа ли што зборуваат овие луѓе: ‘Господ ги отфрли двете племиња, што ги беше избрал за себе?’ И со презир го одречуваат Мојот народ како да не Ми е веќе Мој народ.

25. Господ зборува вака: ‘Ако не го склучив Својот Завет со денот и со ноќта, и ако не им поставив закони на небото и земјата,

26. би можел да го отфрлам потомството на Јакова и на Давида, Својот слуга, за да не земам веќе нивни потомок за владетел над Авраамовото, Исаковото и Јакововото потомство, кога ќе ја изменам нивната судбина и кога ќе им се смилувам.’”

Прочитајте целосна глава Еремија 33