Стар Завет

Нов Завет

Еремија 31:6-18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. Зашто доаѓа ден кога стражарите ќе викаат на Ефремовата Гора: ‘На нозе! Да се искачиме на Сион кон Господа, својот Бог!’”

7. Зашто Господ зборува вака: „Воскликнувајте му од радост на Јакова, поздравете го бурно првенецот на народите! Нека се разнесува вашиот глас! Објавете, прославете и кажете: ‘Господ го спаси Својот народ, Израелевиот Остаток!’

8. Еве, Јас ги водам од Северната Земја, ги собирам од краиштата на земјата: со нив се слепите и хромите, бремените и родилките: големата заедница се враќа.

9. Еве, тргнаа со солзи, сега ги враќам утешени! ќе ги водам покрај поточните води, по рамен пат на кој не ќе се сопнуваат, зашто Јас Сум му татко на Израел, Ефрем е Мој првенец.

10. Чујте го, о народи, Господовото слово, објавете го ширум во далечните острови: ‘Оној што го распрсна Израел пак го собира и го чува како пастирот своето стадо!’

11. Зашто Господ го ослободи Јакова, го избави од рацете на посилниот од него.

12. И тие, воскликнувајќи радосно, на Сионскиот Врв, ќе се науживаат во Господовите добра: жито, масло, младо вино, јагниња и телиња; душата ќе им биде како навадена градина, никогаш веќе не ќе гинат.

13. Девојките ќе се веселат на танец, младо и старо заедно, зашто тагата ќе им ја претворам во радост, ќе ги утешам и ќе ги развеселам по жалоста.

14. Со мрсно ќе им го закрепнам свештенството и Својот народ ќе го наситам со добра” - говори Господ.

15. Господ зборува вака: „Чуј! Во Рама се слуша ридање и горчлив плач: Рахела ги оплачува своите синови, и не сака да се утеши за децата зашто нив веќе ги нема.”

16. Господ зборува вака: „Прекрати да ридаш, избриши ги солзите во очите! Твоите страдања ќе бидат наградени: тие ќе се вратат од непријателската земја.

17. Има надеж за твоето потомство - говори Господ - твоите синови ќе се вратат во својот крај:

18. Добро го слушам Ефремовото липање: ‘Ти ме искара, и Јас се поправив како јунче уште нескротено. Обрати ме, за да се обратам, зашто Ти си, Господи, мој Бог.

Прочитајте целосна глава Еремија 31