Стар Завет

Нов Завет

Еремија 28:1-8 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во истата година, во почетокот на царувањето на Седекија, јудејскиот цар, во четвртата година, во петтиот месец, Ананиј, синот Азоров, пророк роден од Гаваон, ми рече во Господовиот Дом пред сите свештеници и пред сиот народ:

2. „Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар.

3. До две години ќе ги вратам на ова место сите садови на Господовиот Дом, што Навуходоносор, вавилонскиот цар, ги зеде оттука и ги однесе во Вавилон.

4. А исто и Јехониј, синот Јоакимов, јудејскиот цар, и сите јудејски заточеници, што стигнаа во Вавилон, исто така ќе ги вратам на ова место - говори Господ - зашто ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар.’”

5. Тогаш пророкот Еремија му одговори на пророкот Ананиј пред свештениците и пред сиот народ кои беа во Господовиот Дом.

6. Пророкот Еремија рече: „Амин! Господ да направи така! Господ да ги исполни зборовите што ги пророкуваше, и да ги врати таму сите садови од Господовиот Дом и сите заточеници од Вавилон.

7. Меѓутоа, чуј го и ова слово што ќе го кажам во твоите уши и во ушите на сиот народ.

8. Пророците што беа пред мене и пред тебе, им пророкуваа од памтивек на многу силни земји и големи цареви војна, глад, помор.

Прочитајте целосна глава Еремија 28